Повеќе родители на невакцинирани деца денеска побарале во градинките да се отворат посебни, или специјални паралелки, за деца кои не се вакцинирани, дознава Пресинг ТВ.

Со ова состојбата по прогласувањето епидемија на морбили (мали сипаници) добива уште димензија, односно се отвора проблем за кој не се знае кој и како ќе го решава.

Откако вчера Министерството за здравство прогласи епидемија и објави повеќе мерки, денеска градинките ги затворија вратите за децата кои не се вакцинирани. Ова предизвика голем револт кај многу родители. Тие или не биле подготвени за ваквата мерка, немале време да ги најдат картончињата или ги заборавиле здравствените легитимации, или, а некои дури жестоко се спротивставиле на таа мерка.

„Имало неколку родители во Тафталиџе утринава кои и покрај тоа што нивните деца не се вакцинирани, одбиле нив да ги вратат дома. Тие инсистирале да бидат примени, затоа што веќе платиле за во градинка и затоа што се опфатени во системот“, ни изјави Ангела Ангеловска, директорка на градинките „Мајски цвет“ во општината Карпош.

Според сознанија на Пресинг ТВ, повеќе родители јасно им ставиле до знаење на управителите на градинките дека не само што нивните деца не се вакцинирани, туку тие немаат намера ниту да ги вакцинираат и покрај апелот на Министерството за здравство. Затоа, како решение побарале да се формираат посебни паралелки за нивните деца.

Постојат повеќе групи во земјава, кои го бранат ставот дека вакцинирањето е опасно за здравјето на децата, но деновиве, како што неофицијлано дознава Пресинг ТВ, тие биле под притисок, па дури и нивните активности на социјалните мрежи ги запреле.

„Се чувствува атмосфера како пред линч, и никој од нив во моментов не сака да дава изјави за состојбата. Затоа се притаени и никој од нив не сака да се изложува“, вели извор на Пресинг ТВ, близок до една група за забрана на вакцинирање деца.

Пресинг ТВ се обрати до Министерството за здравство во врска со оваа категорија деца, со прашање дали се планира да се преземе нешто за да се надмине состојбата, а од таму само неофицијлано ни коментираа дека тие „не се надлежни за ова“, но потсетуваат дека „во период кога во сила се вонредни мерки тие што нив нема да ги почитуваат ќе се смета дека направиле кривично дело“.

Инаку, казните за невакцинирање деца се движат од 350-650 евра. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека од 15.000 невакцинирани деца со повиците од вакциналните пунктовите само 310 се вакцинираа. Денес, пак, до  14 часот во поликлиниките во Скопје биле вакцинирани 371 дете.

Став побаравме и од Министерството за труд и социјална политика, од каде ни одговорија:

„Во врска со вашето прашање ве информираме дека во Министерството за труд и социјална политика засега нема стигнато иницијатива за формирање на групи во градинките со невакцинирани деца. МТСП во случајот постапува согласно решението на Министерството за здравство за прогласување на епидемија на мали сипаници на територија на Град Скопје.

МТСП веќе ги извести сите државни и приватни градинки да се придржуваат до забраната за примање на невакцинирани деца со МРП. Исто така укажа да направат дезинфекција на објектите“.

Министерството за здравство апелира до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. „Потсетуваме дека се уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје“, се вели во апелот.

Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје воведе и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот.

Вакцините се на белгиската компанија „ГлаксоСмитКлајн“.