Сите четири ски лифтови, Тетекс 1 и 2, Аеродром и Ге како и двете жичарници Свети Илија и таа на една од најатрактивните патеки Церипашина се целосно подготвени за претстојната скијачка сезона во зимскиот центар Попова Шапка информираат од Елем турс. Нивниот капацитет изнесува околу 1.800 скијачи за еден час.
Како новина од сезонава на сите патеки ќе има електронски ски-билети со што се очекува намалување на метежот на жичниците и ски-лифтовите како и манипулациите и злоуоптребите, односно скијање без платена ски-карта.
Сепак, недоволното количество снег оневозможува старт на скијачката сезона бидејќи најстариот скијачки центар во Македонија не располага со опрема за вештачки снег. Надлежните од Елем Турс, кои стопанисуваат со опремата на патеките и двата хотела Попова Шапка и Славија, се надеваат дека овој викенд ќе пуштат барем дел од ски-лифтовите каде што има најмногу снег, а доколку паднат барем уште дополнителни десеттина сантиметри најавуваат дека се ќе биде ставено во погон.
Од Елем турс не се откажуваат до крајот на јануари да ја пуштат и долгонајавуваната нова и современа шестседишница на патеката Мал Јелак. Тука останува да се постави сајлата и други поситни работи, но она што ја одолжува целата работа е таканаречениот тест период што треба да трае најмалку две недели бидејќи станува збор за полувоздушен сообраќај. Доколку ова се реализира дополнителни 2.400 скијачи ќе може да уживаат на патеките на Попова Шапка.
Цените за ски-билетите остануваат исти како лани, односно 900 денари е дневната, а 600 денари полудневната ски-карта, но има и за неколку денови или цела недела во зависност од барањата на скијачите.
Comments are closed for this post.