Образование, култура, медиуми, локалната самоуправа, младински политики, овие се областите во кои граѓанските организации во соработка со владата ќе работат на унапредување на толеранцијата и намалување на разликите меѓу етничките групи.

Заедничките предлози ќе се најдат во национална стратегија за развој на концепт за едно општество и интер-културализам, чија изработка треба да заврши до почетокот на март.

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерката за правда Рената Дескоска, зеде учество на отворениот ден со граѓанските организации истакна дека различностите на нашето општество се наша предност и наше заедничко богатство, и дека од исклучителна важност е Стратегијата да биде жив инструмент за превенција од опасноста од доминација на една етноцентрична култура.

Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија започнува со почитувањето на сите заедници. Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат“, нагласи претседателот на Владата на РМ Заев.

Од Граѓанските здруженија на Отворениот ден за Консултација за изработката на Национална стратегија, истакнаа дека се уште постои говор на омраза кон различните култури, не манифестира расизам, нетрпеливост кај навивачките групи.

Министерката за правда, Рената Дескоска истакна дека е потребна проактивна улога на институциите во насока на заштита на различностите, додавајќи дека министерството за правда е во процес на измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде најзначајната измена на овој законик се токму делата на омраза.

Кривично  дело  на  омраза е дело мотивирано со непријателски однос,  пристрасност или предрасуди кон жртвата како припадник на определена социјална група. Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите на овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со  нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради  реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или  поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност,  етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна  попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко  уверување“, потенцираше министерката Дескоска.