Судбината на референдумот се решава денеска. Во 9 и 30 часот ќе започне седницата на Уставниот суд на која главна точка ќе биде иницијативата за запирање или пак поништување на граѓанското изјаснување на 30 септември.

Судијата известител Елена Гошева предложи судот да изрече времена мерка стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот. Деветмина судии ќе решат дали тоа ќе се случи или пак референдумот сепак ќе се одржи. Доколку судиите се изјаснат позитивно за иницијативите тоа ќе значи дека ДИК како надлежен орган ќе треба да ги прекине активностите за организирање и спроведување на референдумот.

Од партијата „Левица“ која ја поднесе иницијативата нагласуваат дека доколку има повеќе прашања на референдумот, треба да има исто и толку гласачки ливчиња.

Според член 15 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, на едно гласачко ливче мора да има само едно прашање. Ако има повеќе прашања, за секое прашање треба да се даде посебно гласачко ливче. На сегашниов референдум ни се поставени три прашања, а ќе биде дадено едно гласачко ливче – велат од Левица.

Од друга страна претставниците на САД и на ЕУ кои последните неколку дена се чести гости во Скопје бараат граѓаните масовно да излезат на референдумот кој според нив е главен услов Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО.