Примената на амнестијата како правен механизам кај нас не е нешто ново под сонцето. Од осамостојувањето досега амнестијата биле применета неколкупати, и најчесто била политички договор меѓу коалиционите партнери во власта, што значи власта си правела пазарлак со правдата заради свои политички интереси. И народот секогаш го имал тоа чувство дека политичарите се договориле и нагодиле, а тој – народот останал изневерен, да не речам з….н.

Исто така, и последниот експресно изгласан закон за амнестија е рожба на политички договор меѓу власта и независната група опозициони пратеници од кои се очекува да ги поддржат уставните измени после нова година за промена на уставното име на државата.

Тоа се истите оние пратеници, кои ги отворија вратите на крвавиот 27 април минатата година, истите кои го отворија уставот за промени, истите кои се договорија за да излезат на слобода преку политички договор, и истите од кои се очекува да ги подржат уставните измени за промена на името на државата.

Ете им оди од рака да отвараат и да се договараат. Собраниското тело за помирување си ја заврши својата работа со предлог текстот на законот за амнестија, власта даде амин, и ете бидна, си простивме, се помиривме, но, дали навистина?

Предлагачите на законот за амнестија скроиле еден таков правен текст во своја полза, пет члена на неполни три страници, па подобро ќе беше да ги наведеа лицата со име и презиме кој се амнестира, а кој не.

Според текстот на законот за амнестија, неговата цел претставува амнестија на лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 год. е помирување преку надминување на поделбите во општеството.

Па вистинските поделби почнуваат од политичарите, и сега од нив очекуваме да го обединат и онака веќе поделеното општество. Па Боже мој, до кога ќе не залажуваат. Па тоа се истите тие што го насаскаа народот, ја украдоа неговата доверба и буквално го изневерија, а потоа се договорија со власта да бидат амнестирани, и сега ќе не носат во НАТО и ЕУ. Е тоа не верувам дека ќе им помине во заборав.

Народот памети. Не мислам дека амнестираните народни избраници ќе бидат амнестирани и од народот. Дали ќе имаат лице да ги погледнат своите гласачи, а најмногу тие во своите места. Судот на јавноста нема да им прости.

И сега бидејќи животот дојде кај нас, па според последните статистички истражувања на ЕУ за нивото и квалитетот на животниот стандард се наоѓаме на предпоследното место, заедно со Босна и Херцеговина.

И ете така скоро стигнавме до дното. Веќе одамна се покажа дека правдата не работи во оваа држава со оваа власт. Економијата исто така не работи. Ем обесправени, ем бедни. И никој не ни е крив што ете сега го имаме тоа исто чувство дека сме изневерени, а тоа е бидејќи од своите си патиме. Бидејќи во македонскиот дел од пеколот, ѓаволот одмара, а има наши што дрпаат и влечат надолу кон дното, кон пожешкото, и ја вршат неговата работа.