Новогодишните прослави во градовите од соседните држави годинава се поатрактивни за македонските граѓани во однос на други години, но не заостануваат ниту прославите во европските метрополи, како Букурешт, Будимпешта, Венеција и Париз.
Цените на аранжманите не се многу поразлични во однос на лани. Така, пакетите што ги нудат туристичките агенции за четири дена со автобус се движат од околу 90 евра во Нови Сад и 100 евра за исто толку дена во Тиват. За 90 евра може да се дочека Нова година и во Белград. Во Софија новогодишното патување со автобус чини 99 евра за три дена, а во Атина околу 100 евра за четири дена. Интерес има и за соседна Бугарија, но таму дополнително се доплаќа за новогодишната вечера.
Од туристичките агенции истакнуваат дека има интерес и за европските метрополи, но додаваат дека сепак оние што сакаат да патуваат повеќе се одлучуваат да ги посетат европските градови напролет, кога може да ги видат во вистинското светло.
Новогодишните аранжмани со автобуски превоз до Виена, Венеција и Букурешт и Париз се движат од 100 до 300 евра во зависност од градот и видот на новогодишниот пакет што го нудат туристичките агенции. Патувањето со авион е поскапо, па така петдневен аранжман, на пример, во Рим чини околу 400 евра.
Од подалечните и поегзотични патувања, за македонските граѓани интересни се Малдиви, Тајланд и Дубаи, за кои аранжманите се различни, но може да се движат од четири до седум дена.
Comments are closed for this post.