На боиштата во подрачјата каде делува ИСИЛ се наоѓаат вкупно 23 црногорски државјани, од нив 18 мажи и пет жени, шест од нив се убиени во Сирија, осум се вратиле во Црна Гора, еден е уапсен во Турција, а уште тројца се на подрачјето на делување на Исламска држава, пишуваат подгоричките медиуми.

Ова се податоци од извештајот „Влијанието на медиумите врз сузбивање на насилниот екстремизам во Црна Гора“, по повеќемесечно истражување на невладината организација НОМЕН.

Претставникот на агенцијата Стефан Кандиќ, појасни дека не се достапни официјални податоци за тоа колку црногорски државјани се наоѓаат на странските боишта, но дека во текот на истражувањето се користени податоци од Регионалниот совет за соработка, кои институциите не го демантираа.

Вкупно 23 црногорски државјани – 18 мажи и пет жени се наоѓаат на боиштата во подрачјата каде делува ИСИЛ, заедно со три деца. Четири таму се родени. До моментот на објавување на истражувањето, шест мажи се убиени во воената зона, три мажи, четири жени и две деца остануваат на територијата на делување на ИСИЛ, додека еден маж е притворен во Турција. Осум мажи, една жена и едно дете се вратени во Црна Гора, се наведува во извештајот.

Се додава дека безбедносните извори констатирале дека пет борци од Црна Гора војувале во источна Украина, на страна на проруските сепаратисти. Еден од нив е процесуиран и осуден во Црна Гора, а четворица на боиштата заминале пред дополнување на Кривичниот закон со кој заминувањето на странско бојно поле се смета за криминал.