Специјалното јавно обвинителство да може да истражува и гони кривични дела извршени од претседателот на Македонија, поставените амбасадори и други претставници во странство и именувани лица од претседателот, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје.

Ова, како што објавува Мета, е предвидено во нацртот на предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство кој го подготви министерството за правда.

Освен нив, СЈО ќе може да делува во гонење и истражување на кривични дела извршени од одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето, како и од областа на животната средина и природата, културното наследство и природните реткости, јавните финансии, платниот промет и стопанството, вооружените сили, службената должност, неовластеното оддавање информации и податоци за сведоците и други, ако овие дела се сторени во врска со постапки кои ги води Специјалното јавно обвинителство.

До сега СЈО беше надлежно за кривични дела кои произлегуваат од незаконитото прислушување од 20008 до 2015 година.