Град Скопје, го продолжува доделувањето субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот, соопштуваат од Град Скопје.
Со оваа мерка Градот ќе надоместува дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари, а барање за субвенции можат да достават физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени околу 230 барања од граѓаните.
Исплатата на средствата, како што посочуваат од Град Скопје, ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за добивање субвенции се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да барање за надоместок кое може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот; доказ за жителство во Град Скопје (фотокопија од лична карта или пасош), доказ за правен субјект (тековна состојба не постара од шест месеци), потврда за реализирано чистење оџак потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот; фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности) и фотокопија од трансакциска сметка / жиро-сметка.
Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, во архивата на градот, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.
Градот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија спроведоа обуки за 15 оџачари. Првиот тим од 10 оџачари кои ја завршија обуката започнаа со чистење на 100 оџаци на домаќинства кои се пријавија на повикот за бесплатно чистење на оџаците, велат од Град Скопје.
Оттаму потсетуваат дека во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45% од вкупниот број на домаќинства во Скопје се греат на дрва, односно тоа е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во Скопје.
Опасноста од запуштени и неисчистени оџаци, како што велат е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето.
Од Градот препорачуваат оџаците да се чистат три пати годишно, два пати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена
Comments are closed for this post.