На Универзитетската клиника за државна кардиохирургија на пациентот Мухарем Реџепи (54), татко на шест деца му е вградено вештачко срце. Кај пациентот со тешка срцева слабост, е ставен уред кој е еден тип на механичко срце вграден во левата комора. Тоа ја всисува крвта од левата комора и преку една протеза ја носи во аортата. Мала е, бесшумна, трајна е и се наоѓа внатре, а од надвор е само батеријата која ќе се менува за таа да работи. Операцијата, која траела два ипол часа, ја извел тимот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.
Ова е прв ваков зафат изведен на Клиниката за кардиохирургија, а тимот кардиохирузи го предводеше д-р Петар Ристески, кој за оваа интервенција дојде од Универзитетската Клиника во Франкфурт. Во операцијата, која траела околу дваипол часа часа учествуваа директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев, потоа д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Марјан Шокаровски, како и останатите членови на кардиохируршкиот тим.
Станува збор за пациенти со срцева слабост на кои ниту медикаментозна терапија, ниту интервентна кардиологија не може да им помогне. Овој тип на уреди се користи додека да се најде соодветен донор. При тоа пациентот носи ранче со батерии со себе, а уредот служи и за лекување, односно за опоравување на работата на срцето“, вели д-р Јовев.
Според премиерот, придобивките од овој зафат се огромни. Најголемата придобивка е пренесеното знаење на нашите доктори-специјалисти кое ќе можат да го применуваат во иднина. Нагласи дека се заштедени и огромни финансиски средства на Фондот.
Ваквите операции, на пример во Германија чинат 340-350 илјади евра, а севкупните трошоци овде не поминуваат повеќе од 120.000 евра. Ова претставува унапредување на севкупниот здравствен систем во Република Македонија, рече Заев и ги охрабри сите лекари и директорите на клиниките да го следат овој тренд.
Министерот Филипче изјави дека уште ова е една нова метода што се имплементира во нашето јавно здравство.
Ова е еден модел на едукација на нашите лекари од страна на странски лекари што ни дава одлични резултати во смисла и на заштеда, но и сериозно надградување на знаењето на нашите експерти, рече Филипче.
Тој изрази надеж дека сите работи што ги преземаат во здравството како инвестицијата во платите, во дежурствата ќе ги задржи нашите лекари во Македонија. Со овој уред се живее нормален и квалитет живот, кој се продолжува за 10-15 години.
Comments are closed for this post.