Германската автомобилска компанија „Фолксваген“ одлучи од јули 2019 година да престане со производство на легендарниот модел „буба“.
Првата серија од овој модел беше произведена во далечната 1938 година во Германија, а од автомобилска компанија соопштија дека пред да го прекинат производството од фабриката во Мексико ќе пуштат во продажба две посебни серии „Final Edition SE“ и „Final Edition SEL“, кои ќе бидат достапни како купе и кабриолет.
Од „Фолксваген“ наведуваат дека причина за ваквиот чекор е трендот на автомобилскиот пазар,
каде што фокусот е насочен кон теренски и електрични возила.
Прекинот на производството по три генерации и речиси седум децении ќе предизвика силни емоции кај љубителите на ова возило, истакна директорот на „Фолксваген Америка“, Хајнрих Воебкен.
Моделот беше дизајниран во 30-те години од минатиот век од Фердинанд Порше, а по Втората светска војна стана исклучително популарен, особено кај помладата популација. „Бубата“ доби култен статус во 60-те години со масовноста на хипи движењето, но деценија подоцна почна да бележи пад во продажбата.
Побарувачката за „буба“ особено забележа пад на северноамериканскиот пазар. Така, минатата година во САД биле продадени 15 илјади примероци што е драматичен пад во споредба со шеесеттите години кога се продавале и по 420 илјади возила.
Comments are closed for this post.