Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ.
Ова го вели амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер, во интервју за емисијата „Европат“ на телевизија 24, првпат јасно посочувајќи на оваа околност, која во изминатиот период стана камен на сопнување во односите меѓу Скопје и Софија, што резултира со застој на македонскиот евроинтегративен процес.
Памер експлицитно наведува дека Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка и дека тоа досега јасно било кажано од Брисел. Во таа насока, амбасадорот вели дека доколку Бугарија се обиде да изврши притисок или да го искористи Протоколот во контекст на процесот на проширување, тогаш други земји членки ќе ја информираат Софија дека тој не е дел од пристапниот процес.
„Колку што знам, а прилично сум сигурен дека е точно, Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка. Мислам дека ова е сосема јасно, и ако внимателно ги слушате земјите членки на ЕУ, Европската комисија и разговорите, тогаш ќе видите дека никој никогаш нема тврдено дека, освен во одреден момент Бугарија, дека Вториот протокол е дел од пристапниот процес. Што се однесува до тоа, претпоставувам дека штом, ако во даден случај, вашата соседна земја (Бугарија н.з.) се обиде да изврши притисок или да го искористи ова во контекст на процесот на проширување, би рекол дека повеќето други земји членки ќе ги информираат дека вториот протокол не е дел од преговарачкиот процес“,јасен е австрискиот амбасадор.Ова е, патем, процес кој и онака е неопходен“,додава тој.
ШТО СОДРЖИ ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ

Вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија беше потпишан на 17 јули 2022 година во Софија од страна на тогашните министри за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
Клучни елементи на протоколот:
- Уставни измени: Се бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав како услов за одржување на втората меѓувладина конференција
- Историски прашања и образование: Препораки за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
- Јазик на омраза: Мерки за спречување на говор на омраза и пропаганда.
- Архиви: Пристап до архивските документи од периодот 1945–1991 година.







Comments are closed for this post.