-Во Мексико имаме многу стадиони, но ваков, мермерен, досега немаме видено и навистина ова е нешто многу невообичаено и секако прекрасно, велат за МИА три мексикански туристки додека се фотографираат на подиумот за победници на античкиот стадион „Панатенаик“ во Атина, а токму овој став на туристките веројатно најдобро и во една реченица го опишува мермерниот стадион во срцето на грчката метропола што ги спојува античката и современата (олимписка) историја.
На конкретниот стадион, што датира од 4 век п.н.е., во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, денес има активна улога во олимписката традиција и директно е поврзан со Олимпиското движење, но е и место каде што се одржуваат и културни настани.
Олимпискиот оган, без разлика дали е за зимските или летните олимписки игри, откако ќе биде запален во античка Олимпија, патувањето кон градот домаќин го започнува токму од овој стадион, каде што се одржуваат церемониите на предавање, а во изминатиот период Калимармаро беше актуелен и поради тоа што од Грчкиот олимписки комитет започнаа чистење и конзервација на мермерот, првпат по 120 години.

Официјалното име на стадионот е „Панатенаик“, што доаѓа од „Панатинеја“, антички празник, налик на модерните Олимписки игри во чест на божицата Атина и значи „празник за сите Атињани“, а во секојдневниот говор во Грција најчесто се користи Калимармаро, што значи дека е направен од „добар и убав мермер“.
На туристичката карта на Атина е една од дестинациите што задолжително треба да се посетат, сместен во срцето на градот, во непосредна близина на парламентот, Националната градина, Палатата Запио, Премиерската и Претседателската палата.

Она што го привлекува вниманието уште од првиот момент е импозантната форма – целиот е изграден од бел мермер, од атинската планина Пентели, позната по својот висококвалитетен мермер, кој се користел и за изградбата на значајни споменици во античка Атина, а долгите редови седишта се издигнуваат долж атлетската патека.

Изграден е во форма на потковица, карактеристична за античките стадиони, на површина од 33.100 метри квадратни, волуменот на мермерот е околу 29.400 метри кубни со тежина од 85.100 тони и има можност да прими околу 68.000 гледачи.

На влезот се подигнати и се веат грчки и олимписки знамиња, додека пак во заднината се издигнуваат петте кругови-олимпискиот симбол што потсетува на историјата на стадионот.
Античкиот стадион, не само што е отворен за посети, туку посетителот може да го почувствува и (античко-олимпискиот) спортски дух, може дури и да истрча (победнички) круг, да седи на „кралските“ тронови на трибините, да чекори по патеката на спортистите, да ги види олимписките факели во Музејот, но и од највисоката точка, да ужива во погледот на Акропол како се издигнува над трибините.

При влегувањето во внатрешноста, доживувањето е сосема поинакво, на атлетската патека и централниот дел, од посетител стануваш натпреварувач, учесник на Олимпијада, барем во сопствената имагинација.
Белите мермерни трибини, кои сведочат за повеќе од еден век олимписка историја, но се и неми сведоци на првите модерни Олимписките игри, се поделени две нивоа, разделени со широк хоризонтален премин, кој овозможува полесно движење на посетителите.

Не остануваат незабележани и т.н. „мермерни тронови“, зачувани и денес, каде што седеле кралевите, додека пак лево и десно, седиштата се поудобни од оние на останатиот дел од стадионот, имаат потпирачи за грб, наменети за членовите на кралското семејство, односно нешто што денес би го нарекле „ВИП ложа“.

Од највисоките дел на трибините, се гледа Акропол со Партенонот, Националната градина и ридот Ликавитос.
Во централниот дел на стадионот, на теренот е поставен и победничкиот подиум, на кој посетителите можат да се фотографираат како олимписки шампиони, со големиот олимписки знак во заднина што се издига на врвот на трибините.

-Откако го разгледавме целиот стадион, заедно со музејот, решивме да истрчаме и еден круг и победнички да се фотографираме на подиумот, како да сме на вистинска олимписка церемонија, но само ни недостигаат медалите, велат со задоволство туристки од Австралија.

На спротивната страна од подиумот, поставени се и два мермерни столба со две лица, односно двострана мермерна скулптура со две лица, што датираат од 2 век од н.е.
Ваквите столбови, се верува дека во античко време се поставувале на стадионите во чест на богот Хермес, што се сметал за заштитник на спортистите.

Од тунелот на античките натпреварувачи до приказната за олимписката историја
Под мермерните трибини на Калимармаро се крие камен тунел што наликува на пештера, низ кој во минатото влегувале спортистите на стадионот.

Овој историски премин не е едноставна патека, туку води до задниот горен дел на стадионот, каде што е собрана целата негова историја и модерното олимписко движење во Музејот во кој се изложени сите олимписките факели од Игрите во модерната олимписка ера, секој со својата приказна и дизајн, сведочејќи за историјата и развојот на најголемиот спортски настан во светот.

Токму тука, во музејската поставка на стадионот, се наоѓа постојаната изложба „Спомени од Олимписките игри: постери и факели од 1896 година до денес“.

Секој факел носи своја приказна, одразувајќи го времето, културата и духот на градот домаќин.
Од Атина во 1896 година, кога се одржаа првите модерни Олимписки игри, па сè до денешните олимписки собири, изложбата го следи развојот на една традиција што ги поврзува народите преку спортот, пријателството и мирот.

Изложени се реплики од огледалото што се користи за палење на олимпискиот оган во Атина, од олтарот каде што гори огнот пред да им биде предаден на домаќините на олимписките игри, облеката на свештеничките кои учествуваат во ритуалите и церемониите поврзани со олимпискиот оган, а еден дел е посветен на ЛОИ „Атина 2004“.

– Ова е дефинитивно добро скриен, но импресивен простор за да се научи нешто повеќе за олимпиското минато. Следиме олимписки игри, но сега сфативме дека и не сме знаеле толку многу колку што мислевме, вели семејство од Израел, додека ја разгледува изложбата во музејот, фотографирајќи се со олимписките факели.

Излегувањето од музејот е повторно низ камениот тунел и токму тогаш е моментот кога посетителот се чувствува како натпреварувач и спортист кој ја поминува патеката за да излезе на терен и повторно да се најде опкружен со мермерните трибини.

Место за спортски и културни настани
Историјата на стадионот започнува пред речиси 2.500 години, низ вековите бил трансформиран, прошируван, реставриран, а пресвртната точка во неговото постоење е 1896 година, кога Калимармаро бил домаќин на првите модерни Олимписки игри, со што стана симбол на обновувањето на олимписката традиција и на поврзувањето на античкото наследство со современиот спорт.

Првично бил изграден во 4 век п.н.е, за потребите на Панатинајските игри – свечености посветени на божицата Атииа, подоцна, во римскиот период, бил обновен и проширен, а најзначајна модерна трансформација се случила во 19 век, кога бил обновен со мермер за да стане централно место на првите модерни Олимписки игри.

Еден од највпечатливите моменти во историјата на стадионот бил токму во 1896 година, кога грчкиот атлетичар Спирос Луис победил на маратонот на првите современи Олимписки игри.
И денес, на Атинскиот автентичен маратон, што се одржува секоја година, целта е токму на стадионот Калимармаро.

За време на ЛОИ во Атина во 2004 година на стадионот се одржуваа натпреварите во стрелаштво, а таму завршуваше и олимпискиот маратон.
Но, стадионот не е поврзан само со спортот. Низ годините, бил домаќин и на кошаркарски натпревари, концерти и големи културни манифестации.

Во 1968 година се одиграл финалниот натпревар на Купот на европските победници во кошарка, меѓу АЕК од Атина и Славија од Прага, пред публика од околу 80.000, со што влезе во Гинисовата книга на рекорди по посетеност на кошаркарски натпревар на отворено.
Во септември 2023 година, Калимармаро за првпат во историјата, беше домаќин на тениски натпревари, беше поставен специјален терен за одржување на натпреварите во Дејвис купот меѓу Грција и Словачка.
Мермерните трибини низ годините биле исполнети со звуците на рокот, поп-музиката и концертните спектакли, а свои настапи имале „Д Кјур“, „Депеш Мод“, „Калчр Клаб“, „Скорпионс“, Роби Вилијамс, Пласидо Доминго, Бони Тајлер, како и грчки музички ѕвезди.

Последниот спортски настан на Калимармаро беше минатиот месец, на кој присуствуваше и МИА, кога се одржаа церемониите за палење и предавање на Олимпискиот оган за Младинските олимписки игри „Дакар 2026“.

Чистење и конзервација на мермерот првпат по 120 години
Калимармаро ќе биде во ново „руво“, откако целосно ќе завршат работите за чистење и конзервација на мермерот, што Грчкиот олимписки комитет, со финансиска поддршка од грчка бродска компанија ги започна во септември, а се спроведуваат првпат по 120 години.
Според Грчкиот олимписки комитет станува збор за исклучително значаен зафат, најголем по првите современи Олимписки игри во Атина во 1896 година.

Чистењето на мермерот се врши под надзор на архитектот и археолог Манолис Корес, како и со стручни насоки од овластени конзерватори на Министерството за култура, а се применува природен метод, специјално осмислен за заштита на мермерот, без негово оптоварување, менување на својствата или предизвикување какво било оштетување на површината.
Паралелно сменета е подлогата на атлетската патека за да се овозможи одржување на меѓународни атлетски натпревари, меѓу кои и натпревари од Дијамантската лига (Diamond League).

Еден дел од стадионот е веќе исчистен и очигледна е разликата во бојата и сјајноста на мермерот, а работите ќе продолжат на целиот стадион и се очекува да завршат во текот на 2026 година.

На излезот од Калимармаро, погледот го привлекуваат пет мермерни плочи со натписи посветени на историјата на модерните Летни Олимписки игри, кои потсетуваат на градовите домаќини и на развојот на олимпиското движење низ годините, почнувајќи од Атина во 1896 па се до Париз во 2024 година, но и на сите претседатели на Меѓународниот олимписки комитет.

Стадионот е отворен секој ден од 8 до 19 часот во летните и во 17 часот во зимските месеци, времетрањето на посетата не е ограничено, а билетот чини 12 евра, додека за децата до шест години, влезот е бесплатен, а во влезницата вклучена е и посета на музејот.

Калимармаро е музеј ја отворено, сцена на која секој посетител може да се почувствува како дел од големата олимписка приказна, да го почувствува духот на античките олимписки игри што се испреплетува со модерната историја.
Извор МИА
Фото МИА







Comments are closed for this post.