Денеска ќе бидат презентирани најновите резултати од археолошките истражувања на архајската некропола во Корошишта.

Станува збор за Локалитет Расница, с. Корошишта – Струшко каде некрополата откриена во 2024 година претставува едно од најзначајните археолошки откритија во последните децении. Новите истражувања потврдуваат дека станува збор за некропола од VI век пр. н. е., со исклучително значење и вредност, која по својот ранг може да се споредува со познатите архајски некрополи во Грција.

По откривањето на Требениште пред повеќе од 100 години, ова претставува прво откритие од ваков обем и значење.


Во 2024 година, откритието беше издвоено меѓу топ 10 археолошки откритија во светот.

Денеска пред јавноста ќе бидат презентирани најновите резултати од археолошките истражувања. Истражувањата оваа година донесоа ново исклучително откритие – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која се откриени штит, шлем, копја, меч и други предмети од злато, бронза, килибар и други материјали.

Најновите резултати се од особено значење бидејќи дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период, отворајќи нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот регион во текот на VI век пр. н.е.

Локалитетот Расница кај Корошишта го привлече вниманието на јавноста во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Откритијата од 2026 година сега внесуваат нова и исклучително важна димензија во разбирањето на некрополата. Богатото војничко погребување и комплетот оружје откриен во него претставуваат значаен археолошки контекст што ќе овозможи попрецизно согледување на статусот, идентитетот и воената улога на дел од лицата погребани на оваа некропола. Со континуираните истражувања, Корошишта се издвојува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во земјата и како локалитет од особено значење за проучувањето на Охридско-струшкиот регион во VI век пр. н.е.

На прес-конференцијата на самото место ќе бидат презентирани најновите откритија и првичните сознанија на археолошкиот тим под раководство на д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. На пресот ќе присуствуваат директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.