Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска говореше на 75. дијалог-сесија на Националната конвенција за Европската Унија во земјата (НКЕУ-МК), при што истакна дека наместо декларативни заложби, во земјата е потребно вистинско и конкретно работење за да се имплементираат европските вредности и стандарди.

​Обраќајќи им се на присутните амбасадори, европски претставници и експерти, Тошковски посочи дека е дојдено време Македонија со конкретни резултати и проекти да покаже дека е посветена на евроинтегративниот пат. Тој истакна дека секоја институција, организација и поединец треба да дадат личен пример во тој процес.

​- Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говириме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности – порача Тошковски во своето обраќање на сесијата посветена на темата „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: Од темелите и пошироко“.

Тој додаде дека е потребно сите, без разлика во која сфера дејствуваат, да покажат со конкретни резултати и личен пример дека се залагаат за тие европски вредности.

– Да покажеме со конкретни резултати, со конкретни проекти, да покажеме со конкретни дела, со личен пример и да покажеме со пример во рамките на институцијата во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на невладината организација во која сме, да покажеме со личен пример во рамките на Обвинителството, да покажеме со личен пример во рамките на судството, да покажеме со личен пример во рамките на општините, да покажеме со личен пример во рамките на секоја институција – порача Тошковски.

Министерот нагласи дека е добро да се има поддршката од сите релевантни чинители и да се соработува со нив, но напомена дека е потребно принципите на праведност и правичност, кои важат за другите, да важат и за нас.

– Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за другите, така да важат и за нас – рече Тошковски.

​Тој се осврна и на досегашните искуства на земјата во односите со меѓународните и европските партнери истакнувајќи ја важноста од заемна почит и признавање на вложениот труд. Тошковски истакна дека сите реформи што се преземаат треба, пред сè, да бидат во корист на подобрување на животниот стандард на домашните граѓани.

​- Добро е кога во еден процес, кога даваш максимум од себеси и притоа чесно и посветено работиш на подобрување на условите во својата држава, тоа да биде признаено – потенцира министерот за внатрешни работи и додаде дека е потребно да се согледа дека проблемите со кои се соочува Македонија не се поврзани исклучиво со право, правда, усогласување, современи демократски вредности, туку со други работи, кои, вели, за жал, досега за Македонија и македонските граѓани се покажале како погубни.

Во своето излагање тој додаде дека Македонија во изминатите години често се соочувала со предизвици и неисполнети очекувања на европскиот пат. Сепак, тој посочи дека државата успеала да покаже одредени видливи резултати и технолошки придобивки во институциите за кои може да послужи како позитивен пример.

Нагласи дека многупати досега ние сме биле тие што сме биле излажани во процесот, „кои сме требале да дадеме нешто за да добиеме нешто, а притоа сме дале речиси сè, а многу малку сме добиле од она што сме очекувале и дека треба да го добиеме и она што е праведно и правично“.

– Не затоа што треба некој да ни донира нешто, не затоа што треба некој да ни даде нешто, туку затоа што тоа сме го заслужиле, сме го сработиле. Сме дале многу енергија во рамките на тој процес и полека, полека има видливи резултати, кои, за среќа, и во Македонија можеме да покажеме дека функционираат неселективно, со технолошки придобивки и со резултати што навистина може и добар дел од европските држави да ни завидат за имплементирањето на одредени проекти. Мислам дека крајно време е, со сите овие дискусии, предлози, отворени дебати, професионални вложувања што ги имаме сите ние, крајната цел што сакаме да ја оствариме – пак ќе повторам – да ја оствариме врз основа на лични примери, врз основа на вложен труд, врз основа на мали, конкретни чекори, кои на крајот би требало да дадат реални резултати – порача министерот за внатрешни работи.

​Министерот упати благодарност до сите претставници на граѓанскиот сектор, академската заедница и меѓународните партнери, кои со години даваат свој придонес во реформските процеси. Тој истакна дека поддршката од европските партнери е од голема важност, но дека главниот товар за реформите лежи кај самите домашни институции и граѓаните.

​- Ние самите треба да ги засукаме ракавите и да си ја сработиме работата што треба да си ја сработиме, а сите многу добро знаеме што треба да направиме. Треба да имплементираме проекти, треба да видиме резултати, сè со цел да оставиме подобра Македонија од онаа што денес ја имаме. Мислам дека нашите деца заслужуваат подобра Македонија од онаа во која денес живееме – заклучи Тошковски на крајот од своето обраќање