Владата разговара со шест компании за инвестиции во современи дата-центри во Македонија, откри премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
Меѓу заинтересираните е и технолошката компанија „Рамбл“ на Крис Павловски, која, според премиерот, прераснува во сериозна меѓународна групација.
– Разговараме со Крис Павловски и „Рамбл“, а имаме уште пет други компании со кои водиме разговори – изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека идните дата-центри во Македонија треба да се градат според современи технолошки и еколошки стандарди. Тој уверува дека ќе се применуваат нови системи за ладење, вклучително воздушно и фреонско ладење, како и затворен систем кој не троши големи количества вода.
Развојот на дата-центрите е дел од пошироката владина стратегија за привлекување високотехнолошки инвестиции и за преминување од трудоинтензивна кон индустрија со поголема додадена вредност.
Според Мицкоски, економскиот развој на Македонија треба да се темели на три основни столба – патна и железничка инфраструктура, енергетски капацитети и преносни системи, како и висока технологија, во која спаѓаат дата-центрите и вештачката интелигенција.
Планираниот развој на гасната инфраструктура и производството на електрична енергија треба да обезбедат основа за функционирање на ваквите центри. Тие, пак, би создале можности за развој на индустријата поврзана со вештачката интелигенција.
– На Македонија ѝ е потребна високотехнолошка индустрија со голема додадена вредност, со која ќе се зголемат бруто-домашниот производ и стандардот на граѓаните – порача Мицкоски.
Премиерот оцени дека развојот на дата-центрите е долгорочен процес кој треба да стане национална стратегија, независно од тоа која политичка гарнитура ќе ја предводи Владата. Целта, според него, е Македонија да ги искористи глобалните технолошки промени и да стане дел од брзорастечката индустрија на податоци и вештачка интелигенција.







Comments are closed for this post.