Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не се откажува од идејата за изградба на дата центри затоа што, како што нагласува, светот и човештвото одат во таа насока и тој процес е неповратен. Потенцира дека Владата не добила никаков допис од ЕУ дека се откажуваат од финансирање и давање грант за изградба на националниот дата центар. Ако такво нешто пристигне, додаде, тогаш тоа ќе може да го коментираме. 

– Прашањето е дали ние како држава сакаме да останеме заглавени во 19-тиот и 20-тиот век со некои ретрополитички сили или сакаме да грабиме кон иднината? Оваа Влада апсолутно води сметка за интересите на државата и на граѓаните. Интересите на државата и граѓаните никогаш нема да бидат ставени под знак прашање. Апсолутно се грижиме за иднината на оваа држава и брз економски развој – истакна Мицкоски во одговор на прашање дали се точни информациите дека ЕУ испратила допис до сите земји во регионот дека се откажала од финансирање и давање грант за изградба на национални дата центри и оти ова нема да биде дел од реформската агенда. 

Благодарение на тие дата центри и таа вештачка интелигенција, нагласи Мицкоски, денеска можевме да видиме како функционира голем дел од оваа опрема на ГП Табановце. 

– Впрочем, без таа вештачка интелигенција и некои дата центри јас денеска немаше со вас да комуницирам на овој начин како што комуницирам. Затоа, да ги оставиме оние политички сили да тонат во нивното политичко мочуриште од 19-тиот и 20-тиот век и да дозволиме да се развиваме како држава онака како што заслужуваат граѓаните – рече премиерот во одговор на прашање при посетата на ГП Табановце. 

Прашањето зошто изградбата на национални дата центри во земјите од Западен Балкан веќе не е приоритет за Брисел, со оглед на тоа што ЕУ ја финансираше „Везилка“ конкретно во Македонија му беше поставено и на евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, кој истакна дека нема такви информации. 

– Јас за жал не можам да ја потврдам вашата информација. Како што веќе знаете, „Везилка” беше пуштена во употреба, односно во функција пред два месеца. Таа треба да биде поврзана со поголемиот дата центар во Република Грција, така што навистина досега немам добиено никаква информација во врска со вашето тврдење, одговори кусо Рокас