Ни се чини нема смисла повторно да пишуваме на тема правосудство во Македонија. Ни може нешто ново да се каже, ни да се направи. Ама, мораме, да сме гласни и да не молчиме, да не се предаваме и како Калимеро да го тупиме дека „нема правда“. Со надеж дека еден ден ќе ја има, и дека предавнички во ноќта нема да ни стигаат вести како овие од вчера.
Личности на неделата:
Врховните судии на Македонија
Кој новинар работел тој ден ја знае грутката во грлото кога еден по еден излегуваа имињата и ликовите на нашите сограѓани, жртви во тешката несреќа кај Ласкарци.
Јовица, Зоран, Ајден, Раметула, Онур, Бобан, Бесим, Есад, Трпанa, Павле, Валдете, Дејан, Бесим, Бејза, Арсен и
Езра.
16 засекогаш зацрнети, 30 со долги долги последици, сите од корен сменети животи.
Мислеа ли на нив Африм Фидани, Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска од Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија?
Тие, на седницата одржана оваа среда одлучувааа по предметот КВП2-86/25, во јавноста познат како предметот за автобуската несреќа кај селото Ласкарци. Поточно за пресудата со која Апелациониот суд во мај 2025 година ги зголеми казните на сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и на одговорниот за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари, од шест на по 10 години затвор, додека на вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од пет на по седум години. Со таа пресуда казните за Јане Боваровски и возачот на автобусот Маноил Трифуновски останаа пет, односно 14 години затвор.
Сега сите излегуваат на слобода. Предметот повторно се враќа на судење.
Ко да не беше доволно што едвај се стигна до таа првостепена пресуда, правда која се развлекуваше повеќе од пет години, каде ни едно вештачење не ѝ беше доволно на судијката Дијана Груевска-Илиевска. Подоцна, пак, дел од осудените отидоа на отслужување на казните, само газдата Белули и соработникот Мифтари одеднаш оперираа кила на тестиси, па добија неколку одложувања на извршување на казните. На крај Мифтари избега од Македонија.
Во меѓувреме, црвените автобуси уште секој ден ги гледаме како застануваат пред „Буњаковец“ и ги товарат патниците за кон Тетово. И оттогаш те ќе пукне гума, те нешто ќе се подзапали, те ваков инцидент, те таков.
И ете сме, си лаеме кучињата, „Дурмо“ си врви. Буквално.
Ама, мораме, да сме гласни и да не молчиме, да не се предаваме. Којзнае, може еден ден правдата ќе ја дочекаме.
Во сенка е на ова погоре, но мора да се спомене, за уште еднаш да се повтори која правда владее во Македонија, Врховниот суд ги укина правосилните пресуди и против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Тој сега ја чека официјалната пресуда за излезе од затвор, па кај и да е пак ќе почне да се снима, да ни пушта пресови, јачи да е од судбине…
И него ќе го искрепиме.







Comments are closed for this post.