Верувајте во нашата татковина. Не затоа што е совршена. Туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми. Туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа. Туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“, што се одржува на платото пред Владата. Триесет и петтата годишнина од независноста, потенцира тој, мора да биде пресвртна точка. 

Денес, 35 години подоцна, нагласи, да не гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја изградиме – посилна, обединета, достоинствена, земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат, и во која секој човек ќе знае дека ова е неговиот дом.

Премиерот Мицкоски се осврна на постигнатите резултати и пропуштените можности и нагласи дека нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме.

Мора да успееме. Затоа што народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба – рече премиерот Мицкоски.