На 15 дена до истекот на шестмесечниот рок од истрагата за предметот „Лотарија“, околу случајот на поранешниот вицепремиер Артан Груби сè уште има повеќе отворени прашања отколку одговори. На 23 август поминуваат шест месеци од неговото апсење на граничниот премин Блаце, нкога Груби доби куќен притвор. Јавното обвинителство не открива дали Груби во меѓувреме бил сослушан како осомничен. Оттаму само кус одговор дека јавноста ќе биде известена по донесувањето на јавнообвинителска одлука, без да потврдат дали распитот е спроведен.

Уште покус одговор од одбраната на ексвицепремиерот. Република стапи во контакт со адвокатот на Груби, Владимир Доневски, кој откако беше запознаен дека бараме изјава во врска со случајот „Лотарија“ и истекот на рокот за истрагата, кратко одговори:

На одмор сум.

Според Законот за кривична постапка, истрагата трае шест месеци, но рокот може да биде продолжен доколку станува збор за сложен предмет. Сепак, доколку до истекот на првичниот рок не биде поднесено обвинение, осомничените не можат да останат во притвор врз основа на истрагата. Во случајот на Груби тоа би значело дека, доколку до 23 август не биде поднесено обвинение, ќе престанат условите за неговиот куќен притвор.

Груби е осомничен за злоупотреба на службената положба во предметот поврзан со Државна лотарија. Во истиот предмет осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на набавка на ВЛТ-апарати, за која Обвинителството се сомнева дека предизвикала штета од околу 500 милиони денари, односно повеќе од осум милиони евра.