Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денес во своето излагање на собраниска седница се осврна на безбедноста при управување со електрични возила. Тој кажа дека во последните години, иако појавата на електричните возила донесе поголема мобилност, истовремено создаде и нови предизвици за безбедноста во сообраќајот. Затоа, како што вели тој, мерките од Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, се воведуваат за подобра заштита на младите.
„Последниве неколку години сведоци сме на големи промени во сообраќајот. Појавата на нови видови електрични возила на пазарот овозможува поголема мобилност на нашите граѓани. Но, истовремено отвора значителни ризици за безбедноста на учесниците во сообраќајот“, истакна Мицевски.

Тој истакна дека регулацијата на овие лесни електрични возила се уште е фрагментирана во земјава, анализите покажуваат дека во периодот од 2024 година до мај 2026 година, на патиштата низ државата во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2352 возачи на мопеди, електрични тротинети и моторцикли. Од вкупниот број настрадани возачи на мопеди, електрични тротинети и моторцикли, 46 загинале, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1347 со полесни телесни повреди.
„Овие бројки загрижуваат и укажуваат на потребата од системска регулација на овие возила. Затоа со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, се врши дефинирање на лесно електрично возило. Оваа дефиниција завзема предвид за компаративните искуства на повеќе земји во регионот. Воедно, се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина на движење на лесните возила, електрични возила, односно се предвидува максимална брзина до 20 километри на час согласно препораките на ЕУ, во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип на возила“, вели Мицевски.
Мицевски истакна дека со цел да се спречат идни повреди и штети, се предвидува заострување на условите под кои може да се управува ваков вид на возило, со зголемување на старосната граница, а минималната возраст да биде од 18 години за управување на овие возила.
„Ние сме свесни дека оваа мерка е строга и дека е висока. Но истата ја предлагаме со една и единствена цена, да ги заштитиме младите учесници во сообраќајот. Анализите на МВР покажуваат дека во повеќе од половината во несреќите со електричните тротинети, истите биле управувани од лица од 16 и 17 годишна возраст“, кажа Мицевски







Comments are closed for this post.