Турција е изложена на „ниски економски удари“, оцени денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во обраќање пред локални лидери на неговата владејачка Партија на правдата и развојот.
Ердоган, кој себе се нарекува „непријател на каматите“, сепак даде позитивна оценка за вчерашната одлука на Турската централна банка за зголемување на основната каматна стапка, нагласувајќи дека Турција ќе има полза од ваквото решение и од „независноста на централната банка“.
Тој сепак не пропушти да повтори дека е противник на високите каматни стапки, потенцирајќи дека неговото трпение кон каматите сепак има граници.
Турската централна банка вчера ја зголеми основната каматна стапка од 17,75 на 24 отсто, со цел да ја стави под контрола инфлацијата и да ја поддржи турската валута по нејзиниот драстичен пад во текот на оваа година.
Турската лира почна да закрепнува по зголемувањето на каматната стапката, зајакнувајќи за 3,4 проценти на 6,18 лири за еден американски долар. Од почетокот на годината, лирата загуби околку 40 проценти од вредноста во однос на доларот.
Ердоган во денешното обраќање уште еднаш ги повика Турците да ги заменат своите заштеди во девизи за турски лири, за да помогнеат за зајакнување на националната валута.
Турскиот претседател најави и дека неговата Влада подготвува нови инвестициски планови, кои нема да вклучуваат нови капитални проекти, иако оние чија реализација е во тек, ќе бидат завршени до крај.
Comments are closed for this post.