Повредните од дискотеката „Пулс“ во Кочани се наши пациенти, но за нас тие не се само пациенти, туку и пријатели со кои секојдневно имаме по некоја консултација, без разлика дали станува збор за некоја раничка која се појавила на веќе заздравените рани, па треба да се санира или за некоја посериозна интервенција, вели во интервју за „Република“ прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска – Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

Со неа разговаравме една година по трагедијата која се случи во Кочани во која загинаа 64 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Голем дел од нив првичната помош ја добија на оваа Клиника, а потоа беа префрлени во европските лекарски центри каде што продолжи нивното лекување. По враќањето дома, дел од нив се уште се пациенти на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Значи, кај сите се заздравени раните. Немаме отворени рани. Третманите од наша страна се инјектирање на „Кеналог“, односно на стероидни инјекции, и исто така боцкање на автологни егзозоми и на „PRP“ (П-Р-П), односно плазма збогатена со тромбоцити, којашто исто помага во намалување на инфламаторниот ефект кај нив.

На прашањето какви третмани им се потребни, прим. Д-р Ѓорѓиевска – Павловска вели:

Пресадувањето на кожа веќе е поминато, тоа беше во изминатата година. Кај сите тие е прифатена кожата и веќе имаат затворени рани. Другите интервенции коишто им се потребни се и ќе бидат кај некои каде што имаме контрактури, односно задебелување на деловите на прсти, помеѓу прстите или помеѓу палецот и показалецот. Исто така задебелување на лактот, значи да не можат целосно — ако не можат целосно скроз да ја отворат раката — и секако на вратот, коишто имаат лузни коишто влечат и го тегнат вратот, па не можат целосно да го исправат. Значи кај тие луѓе ќе има секако потреба, но сè уште одат со физикална терапија и со боцкањето на „Кеналог“ ампулите. Така што, сè уште ги следиме за да видиме кој понатаму какви интервенции ќе има потреба.

На пациентите од Кочани им е потребна и физикална рехабилитација, а од Клиниката за физикална медицина и рехабилитација им излегле во пресрет на пацинетите, на кога тие се Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, терапевтите и докторите ги посетувале таму.

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Претходно пациентите кога се враќаа од болниците во коишто беа испратени, некои од нив требаше да им се продолжи хоспитализацијата кај нас на клиника. И секако им беше нужна физикална рехабилитација, којашто е составен дел од овие третмани. Кога имаа преврска во денот, се договараа со терапевтот и со докторката од физикална терапија, тие доаѓаа кај нас на Клиника и таа физикална терапија беше спроведена на највисоко ниво. Можам да кажам, дури и подобро од некои центри коишто се исклучиво за рехабилитација за вакви изгореници, бидејќи тие немале таква рехабилитација досега. Тие имале пациенти за рехабилитација, но такви пациенти какви што беа вратени немале, и за нив беше предизвик. И мислам дека одлично одговорија, заради тоа што тие деца веќе се вертикализирани, функционираат во секојдневието и сè уште се нивни пациенти. Многумина од децата одат на физикална терапија во Кочани, којашто им е обезбедена таму, си имаат посебни услови и секојдневно се присутни или на контроли или на вежби и терапии коишто им се потребни.

Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија вели дека кај поголем дел од децата раните се веќе созреани, си функционираат понормално, но дел од нив секако имаат потреба од посета на лекар.

И консултациите со дерматолозите исто така се важни. Тие им ја даваат негата којашто треба да си ја спроведат и во домашни услови. И секако тие што имаат потреба од нас се кај нас. И си доаѓаат сами, си се јавуваат, си закажуваме термини за „боцкање“ — во моментот тоа ни е како најактуелно — боцкањето со PRP (П-Р-П), со егзозоми и со ампулите „Кеналог“, кои ги користиме за намалување, односно подобрување на изгледот и побрзо созревање на изгледот на лузната. Тие се користат секаде, посебно кај хипертрофичните лузни. Побрзо созрева лузната, објаснува д-р Ѓорѓиевска – Павловска.

Прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска – Павловска: Повредните од дискотеката „Пулс“ во Кочани се наши пациенти, но за нас тие не се само пациенти, туку и пријатели со кои секојдневно имаме по некоја консултација / Фото: Република

За два месеци почнуваат матуриските прослави, дали доаѓаат матурант(к)и со барања за корекција на некој дел од телото?

ПРИМ. ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Секако дека има побарување и кај машки и кај женски. Значи, имаме од корекција на ушиња, корекција на нос, корекција на гради, корекција на нешто друго што они мислат дека им е потребно. Интересрот почнува една година порано, пред матурските прослави, бидејќи сакаат да изгледаат убаво и за табло и и за матурската вечер, онака како што тие имаат замислено.

Како се справувате со нереалните барања?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Со добра консултација со докторот којшто го избрале, бидејќи сепак е естетска хирургија. Ги едуцираме на некој начин самите пациенти дека тоа што тие го покажуваат на фотографии не е возможно. Тоа што е возможно им го објаснуваме и секако очекувањата после операција — значи кај сите пациенти тоа е дел од контролниот преглед, односно консултацијата којашто ја имаме пред операција и пред каква било интервенција. Сегашните медиуми како што се Инстаграм, ТикТок — тука има многу нереални работи. Не може некој од 60 години да изгледа како 15 или 18 години.

Каков е кадарот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија? Дали може да му парираме на светот?

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Да, дефинитивно. Бидејќи секој од докторите, сестрите и целиот медицински персонал, сите одиме на конгреси и едукации надвор од земјата и гледаме на кое ниво сме ние. Сè што може да донесеме, да научиме надвор, го применуваме и кај нас. Секако тоа се покажа и со трегдијата во Кочани, но да не бевме така едуцирани, сплотени и тимска работа, немаше да успееме во тоа што успеавме. Кадарот, значи сестрите исто така се едуцираат, и тие одат исто по конгреси каде што ја презентираат нашата работа. И мислам дека не сме далеку. Можеби малку технологија малку ни фали, но во ништо друго не заостануваме.

Дали иднината е во посебна, засебна клиника за естетска хирургија? Тогаш државата би можела да развива и здравствен туризам.

ПРИМ. Д-Р ЃОРЃИЕВСКА – ПАВЛОВСКА: Естетската хирургија веќе во последните години е во голем замав. Кај нас е интересно што веќе имаме странски пациенти во доста поголем број. Ние ја извезуваме нашата работна сила надвор од Македонија. Ние сме тука, ја сработуваме, но нашата работа излегува надвор да нè рекламира, најчесто во Германија, Швајцарија и Австрија. И покрај квалитетот што го нудиме, и секако цените за интервенциите се пониски отколку во тие земји. Дел од пациентите кои се оперираат надвор и добиваат компликации, завршуваат кај нас, на Клиниката. Тоа се компликации кои ние треба да ги санираме, поправиме и да го добијат изгледот што го посакувале пред да заминат на операција.

Со прим. Д-р Ѓорѓиевска – Павловска разговаравме и за тоа што е што е најскапо да се направи на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, дали се врши промена на пол на Клиниката, каква е иднината на пластичната хирургија, колкав е бројот на пациентки со рак на дојка кои се одлучуваат за реконструкција по мастектомија, дали тој број расте во последните години, кои методи за реконструкција најчесто се користат – импланти или сопствено ткиво, кои се предностите и ризиците на имплантите, Колку реконструкцијата влијае врз самодовербата и квалитетот на живот на пациентките?

Видеото со целиот разговор можете да го погледнете во прилог.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Снимател и монтажа: Александар Арсовски