На албански државјанин кој илегално престојувал во Македонија и кај кој е пронајдено оружје му е одреден притвор од 30 дена. Притворот е побаран од Основното јавно обвинителство од Гостивар.
Од Основното јавно обвинителство од Гостивар денеска соопштија дека по оперативни сознанија извршен е претрес на местото каде престојувал 30-годишниот албански државјанин при што пронајдени се пушка-калашњиков и рамка со дваесет куршуми, како и повеќе предмети чие потекло се истражува, а за кои постои сомневање дека потекнуваат од извршени други кривични дела.
Истражната постапка продолжува во насока на утврдување евентуално учество на осомничениот и во други кривично правни настани. Јавниот обвинител кој постапува во предметот поведе постапка против осомничениот за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судот со решение го прифати предлогот на обвинителството и на осомниченото лице му определи притвор во времетраење од 30 дена, се наведува во соопштението.
Comments are closed for this post.