На шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, бидејќи се констатирани низа недоследности, објави денеска на прес-конфренција во Владата министерот за здравство Азир Алиу.

Како што кажа Алиу лиценците им се одземени на „Алфафам“, која беше замешана во шверцот на марихуана во Србија, потоа „Грин лајф“, „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“.

Недостатоци има од различни аспекти. Од административна гледна точка, од инфраструктурна, технолошка, од човечки капацитети и така натаму. На пример: Во некои од нив, внатрешната инфраструктура за следење – камерите не работат, во дел од нив нема човечки капацитети, во дел од нив нема обезбедување, недостасува документација или не се вредностите коишто се ставени во извештајот исти или слични со тие што ги имаат внатре. Во дел од нив не се известени институциите, односно Министерството како надлежно министерство во рок од три дена за настанатите промени. Така што, тие се недостатоци и затоа комисијата цени дека тие компании не треба во иднина да се бават со овој тип на производство, изјави министерот Алиу.

Алиу информираше дека Владата донела одлука за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели, кој доби дополнителна институционална тежина по денешната седница на Владата.

Засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица. Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти. Кај 6 од нив се утврдени неправилности во постапувањето согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци кажа Алиу.

Контролите се спроведуваат во соработка со неколку клучни институции: Министерство за внатрешни работи (МВР), МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство, Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и други надлежни институции, изјави Алиу.

Конкретните неправилности вклучуваат: Несоодветно складирање на сув цвет, односно цветот бил затекнат отворен, без соодветно запечатување и без складирање во пропишаните картонски кутии согласно законот. Не биле доставени извештаи до Комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет. Недостасувала документација и договори поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет. Утврдено е несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количини на сув цвет во сеф-собите. Недостасувало известување во рок од три дена за настанати промени согласно законските обврски, објасни Алиу и додаде дека овој процес открил низа системски слабости и индиции за меѓународни празнини во регулативата кои можат да се злоупотребат.

По завршување на контролите кај сите 43 правни лица и целосно утврдување на аномалиите, ќе се пристапи кон подготовка на нова и поцврста законска регулатива за одгледување канабис за медицински цели, изјави Алиу.