Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата упати остар и симболичен говор, во кој СДСМ ја позиционираше како државотворна и заштитничка сила во македонското општество, спротивставена на, како што рече, обидите за поделба, пљачка и изолација на државата.
„Ние сме директни наследници на тие кои во 1944 година имаа храброст да кажат дека тука ќе има држава. Таа државотворност тече низ вените на секој еден од нас. Црвената боја на знамињата не е декор, туку потсетник да ја чуваме републиката тогаш кога другите сакаат да ја поделат, пљачкаат и изолираат“, изјави Филипче.

Во говор исполнет со силна реторика, тој ја опиша СДСМ како клучен коректив и заштитен механизам во општеството.
„СДСМ е имунолошкиот одбранбен систем. Ние сме лекот, ние сме гласот што грми“, порача претседателот на партијата, нагласувајќи дека улогата на СДСМ не е само политичка, туку и историска и општествена.

Филипче направи и историска паралела, истакнувајќи дека во најтешките моменти за државата, СДСМ била таа што го осветлувала патот.
„Кога ѝ се спуштал мрак на државата, СДСМ била факелот кој го покажувал патот“, рече тој.
Во завршниот дел од обраќањето, лидерот на СДСМ упати жестока критика кон актуелната власт, оценувајќи дека состојбите во државата претставуваат „брутално отрезнување“ за граѓаните.
„Ова е собир за спас на македонското достоинство. Погледнете што се случува надвор. Што ни донесоа овие на власт – тоа е брутално отрезнување. Ни ветија гордост, а нѐ донесоа до питачки спас“, изјави Филипче, завршувајќи со порака дека СДСМ останува подготвена за, како што рече, борба за државата и за граѓаните.







Comments are closed for this post.