Во недела, на 23 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија проф. д-р Сашко Кедев, кардиолог, ќе има голема презентација за искачувањето на сите 14 врвови на 8.000 метри, со посебен акцент на овогодишните искуства на Канченчунга и Гашербрум 1 во Пакистан. Влезот за предвањето на академик Кедев е бесплатен.
Кардиологот и алпинист Кедев е првиот Македонец кој успеал да се искачи на 14 врвови повисоки од 8000 метри на седум континенти. Во 2009 година се искачил на Монт Еверест, а останатите 13 успеал да ги освои за помалку од четири години. Оваа година, во третиот обид успеал да го искачи врвот Канченчунга. Последниот врв кој го освои беше Гашербрум 1 во Пакистан.

Постојат многу заеднички допирни точки меѓу ризчините процедури во медицината и ризиците со кои се соочуваме на големите височини. Тоа е една од заедничките допирни точки помеѓу професијата на интервентна кардиологија и ризичните искачувања, посебно во зоната на смртта, над 8.000 метри, ни изјави проф. д-р Кедев во интервјуто за „Република“.
Со д-р Кедев разговаравме за најголемите лекции што ги добил од планината, а кои денес ги применува во болницата. Тој секојдневно се соочува со смртта, на работното место, но и при искачувањето на врвовите. Одењето во експедиција е како одење во војна, некој може да не се врати. Во животот може да растеме ако излеземе од зоната на комфорот и ако прифаќаме ризици, ако живееме на некој начин „опасно“. Секој врв има своја тежина, секој врв дава одредени лекции во животот, вели Кедев.
Стравовите се клучната лимитација на човекот. Ние најчесто не го реализираме својот потенцијал кој што е огромен, поради страв. На овие експедиции јас успеав на некој начин да се ослободам и се ослободив од многу стравови. Тука е клучен стравот од смртта. Секој човек го има тој потенцијал и секој човек треба да работи на лично ослободување пред се од тие стравови и мора да прифаќа одредена доза на ризик во животот, вели д-р Кедев.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
видео и монтажа: Александар Арсовски







Comments are closed for this post.