Фудбалскиот клуб Пелистер изрази незадоволство од настаните по мечот со Вардар,

Битолскиот клуб објави фотографии од реновираната јужна трибина, каде што беше навивачката група „Комити“. На нив може да се види дека скопските навивачи имаат залепено налепници, се имаат потпишувано, а дел од столчињата се скршени, па дури и запалени.

Поради тоа, но и како што велат од Пелистер односот на управата на вардарци, на натпреварите во Битола повеќе нема да бидат добредојдени скопјани. Исто така, како проблематично го посочија и присуството на вооружано обезбедување на управата на Вардар во ВИП делот на стадионот.

„ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер – Вардар на 5 ноември се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на стадионот „Петар Милошевски“.

Исто така сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и постови на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако на ова го додадеме присуството на големо обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година и наоружано, во свечената ложа на стадионот „Петар Милошевски“, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар.

Ваквиот принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од ваков однос и соработка. За оваа управа на ФК Вардар нема повеќе место на нашиот стадион, во нашата свечена ложа, во нашиот ВИП простор. Пелистер ќе го почитува секој оној што ќе покаже почит кон Пелистер.

Во случај на промени и поставување на соодветни лица, достојно за имиџот и традицијата на ФК Вардар, спремни сме да подадеме рака на соработка“, стои во соопштението на пелистерци.