Новата Универзална сала ќе ја задржи постоечката форма со цел почитување на колективната меморија, ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, подвлече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по денешната презентација на визуелното решение на култниот објект за скопјани.

Денеска пред македонската јавност го презентиравме визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, што ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје. Проектот што беше преземен од Град Скопје е задржан во делот на идејното архитектонско решение. Направени се измени во делот на конструктивните елементи, по насоките дадени во испитувањата што дополнително ги побара Министерството за култура и туризам, а беа неопходни по опожарувањето на објектот, рече министерот Љутков.

Притоа информираше дека е изработена нова просторна акустика со вклучени техничко – технолошки системи – hvac, сценска техника-механика, лед осветлување и аудио – видео и електрични инсталации.

Предвидени се нови современи материјали во ентериерот и надворешноста на објектот. Проектот е енергетски ефикасен објект, изработено е современо и интересно партерно и хортикултурно решение, додаде Љутков.

фото: Министерство за култура и туризам

Тој посочи дека очекува на почетокот на октомври да завршат и постапките за избор на изведувач и надзор, со што, како што нагласи, ќе се создадат услови за започнување на изградбата на Универзална сала по системот „клуч на рака“. Планирано е изградбата да заврши до крајот на 2027 година.

фото: Министерство за култура и туризам

Со што, во 2028 година ќе бидеме подготвени да започнеме со реализација на програмата за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата според пресметката ќе чини 20 милиони евра. Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани, подвлече Љутков по денешниот брифинг со новинарите.

Околу реконструкцијата и адаптацијата на објектот што е симбол на градот и наменет за различни настани, се осврна проектантот Бујар Муча. Меѓу другото, појасни дека задржан е концептот на гледалиштето – диспозиција на блокови, влезови и излези.

Бујар Муча: Намален е бројот на редови за да се зголеми конфорот на публиката и да се задоволат безбедносните параметри во случај на евакуација и ПП фото: Република

Намален е бројот на редови за да се зголеми конфорот на публиката и да се задоволат безбедносните параметри во случај на евакуација и ПП. Предвидени се околу 1.200 седишта, наместо 1.500 колку што претходно имала салата, додаде тој.

Притоа соопшти и добра вест за филмаџиите, со оглед дека во Универзална ќе можеле да се одржуваат премиери, а со подобрената акустика, објектот немало да пречи на жителите во околината.

фото: Министерство за култура и туризам

На новинарско прашање, министерот Љутков изјави дека по завршувањето на проектот, Универзална сала ќе се врати под надлежност на Град Скопје.

Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба, создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата во 2028 година“, истакна Љутков.