Барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски со пропратната документација треба да бидат испратени во Унгарија денеска или најдоцна утре, најави министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезна маса за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.

Покрај документација за  предметот „Тен“ во кој Груевски е осуден на двегодишна затворска казна, на унгарските власти ќе им бидат доставени документи и за сите обвиненија и истражни постапки што се водат против него.

Дескоска смета дека има правен основ за екстрадиција на Груевски и очекува тој да биде екстрадиран.

Според неа, нема причина Унгарија да му додели статус на азил и очекува неговото барање да биде одбиено.

Македонија и Унгарија немаат потпишано договор за екстрадиција поради што земјава ќе бара враќање на поранешниот премиер, Никола Груевски преку други правни мерки, соопштуваат од Министерството за правда.

Правните акти преку кои ќе се бара екстрадицијата на Груевски се Законот за меѓународна правна соработка во кривичната материја, Европската конвенција за екстрадиција од 1957 година и одредбите од Договорот меѓу СФРЈ и Народна република Унгарија за заемна правна помош од 1968 година.