Газа, Либан, Сирија, Јемен и сега Иран. Израел истовремено одржува најмалку пет воени фронта со огромни воени, економски и општествени трошоци.

Откако палестински Хамас го нападна Израел од Газа на 7 октомври во 2023 година, а одговорот на владата на Бенјамин Нетанјаху доведе до војна на палестинска територија што трае и денес, израелската војска сè повеќе се исцрпува со новите судири во регионот.

Најпрво одговори на нападите покренати од либанската милиција Хезболах на северот од Израел како одмазда за нападите во Газа. Израелскиот одговор брзо ескалира во отворена војна, обезглавувајќи и ослабувајќи ја исламистичката група.

Израел одговори и на нападите од јеменските бунтовници Хути од почетокот на израелската офанзива во Газа. Израелската војска бомбардираше пристаништа, градови и објекти на територијата на оваа шиитска милиција, која контролира една третина од земјата.

Со падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, Израел виде шанса да заземе дел од Сирија за да ја прошири контролата над Голанската Висорамнина. Ја искористи шансата да ја поткопа сириската воена инфраструктура со бомбардирање воени објекти. Оттогаш периодично напаѓаше подрачја на југот од земјата, каде што дејствуваат групи поврзани со Хамас.

Но, за Израел, Хамас, Хезболах, Хутите и сириската милиција се гранки на она што го смета за вистинска закана, вистински непријател што треба да се победи: Иран. По повеќегодишни судири, тајни операции и целни убиства што ескалираа во меѓусебни бомбардирања првпат минатата година, двете страни се во отворен судир од 13 јуни, со неизвесен исход.

Но, како Израел успева да одржи толку отворени фронтови? И колку долго може да продолжи овој интензивен воен притисок?

– Па не би рекол неодредено, но секако долго време. Израел има застрашувачки вооружени сили. Комбинирајќи ги политичките, воените и економските аспекти, Израел е многу отпорна земја. Тоа е многу пати докажано во минатото. Сега е прашање: дали тоа е случај со Иран – вели Френк Ледвиџ, поранешен британски известувачки офицер и професор по право и стратегии на Универзитетот во Портсмут.

Дополнително, покрај огромните економски трошоци на овој воен напор, владата на Нетанјаху ужива голема политичка и општествена поддршка за нападите врз Иран. Според истражување, 83 проценти од еврејските Израелци го поддржуваат бомбардирањето на Иран, што покажува дека иранската нуклеарна програма и техеранската влада, која многумина во Израел ја сметаат за егзистенцијална закана, дејствуваат како општествени обединувачи.

Број на војници и арсенал

Израел има една од најсофистицираните војски на светот и, без сомнение, најдобро опремената и обучената на Блискиот Исток.

Во 2024 година воениот буџет на Израел беше зголемен за 65 проценти, на 46,5 милијарди долари, што е најголем пораст од војната во 1967 година. Речиси 9 % од БДП на земјата се издвоени за воени цели и стратегија, што, по Украина, е најмногу на светот, според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот.

Израелското воено воздухопловство е најмоќно во регионот, со напредни воени авиони „Ф-15“ и „Ф-35“ (невидливи авиони што можат да избегнат радар) и со брзи борбени хеликоптери.

Тоа му овозможи да ја ослаби иранската воздушна одбрана и да бомбардира воени, нуклеарни и стратешки локации.

Покрај тоа, Израел има софистициран повеќеслоен одбранбен систем што се состои од:

-ракетен штит Железна купола, што му овозможува да пресретнува ракети со краток домет, како оние лансирани од Газа и Либан;
-Давидова прачка, за сузбивање ракети со среден домет;
-систем на противбалистички ракети Стрела, што му овозможува одбрана од проектилите што доаѓаат од далечни локации како Иран и Јемен.

Досега Израел тврдеше дека Железната купола има ефикасност од над 90 % и со години се сметаше дека овој систем е најдобар на светот, но иранските напади покажаа дека и тоа како има слабости. Израелската војска признава дека системот не е без мани, но на земјата ѝ дава значителна предност пред непријателите.

Но, колку долго може да се одржи таквото распоредување? За Френк Ледвиџ, од воена перспектива, на крајот два фактори би можеле да бидат пречка за способноста на Израел да одржи толку отворени фронтови: бројот на војници и муницијата.

Во таа смисла, експертот вели дека голем дел од израелскиот ракетен систем зависи од увозот од САД, без разлика дали станува збор за компоненти или комплетна муниција.

– Но, проблем е што американската војска е оптоварена со испорака на оружје и муниција на Украина, а оваа војна (со Иран) ќе биде многу интензивна, дури и ако не се вмешаа Вашингтон – вели тој.

Опаѓањето на бројот на припадници на војската исто така би можело да биде хендикеп. На сите им треба одмор, а насобраниот замор од другите воени акции, според професорот, влијае врз ефикасноста, предизвикува грешки и на крајот ќе доведе до губитоци. Можеби тоа е причината што се чини дека Израел го забавува темпото на операцијата против Иран.

Бројност на војската

Израелската војска има приближно 178.000 активни припадници, плус приближно 460.000 резервни војници. Воената служба е задолжителна во земјата за мажите и за жените постари од 18 години, со некои исклучоци. Тие остануваат резервисти до 51 година. Од 7 октомври 2023 година и нападите на палестинските екстремистички групи, Израел мобилизира стотици илјади резервисти. Кон крајот на мај владата одобри повик до 450.000 резервни војници во текот на следните три месеци, што е најголем број во историјата на Израел.

Продолжувањето на мобилизацијата им штети на економијата и менталното здравје, семејните односи и кариерите на резервистите, додека исклучоците ги држат ултраортодоксните Евреи подалеку од првите линии на фронтот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Владата сака ултраортодоксните Евреи, ослободени од задолжителна војска ако се посветат на верските студии, да можат да се пријават како и сите други Израелци.

Поради исцрпеноста од речиси 20 месеци непрекинатата војна, незадоволството се прошири меѓу многу Израелци, кои сакаат учеството во воените акции да се распореди рамномерно меѓу сите.

Но, на Нетанјаху му се потребни малите ултраортодоксни партии за опстанок на неговата влада, па законот со кој тие би биле обврзани да се пријават е одложен.

Владата едвај го преживеа неодамнешниот обид на опозицијата да го распушти парламентот и да ја сруши извршната власт, а ја спасија само преговорите во последен момент со ултраортодоксните партии за контроверзниот закон.

Колкави се трошоците?

Долготрајната војна има дополнителна цена: исклучително е скапа.

Секоја ракета „Тамир“ што ја користи Железната купола чини 50.000 американски долари.

Ракетите „Станер“ за системот Давидова прачка чинат по милион долари, додека ракетите „Стрела 3“ за пресретнување на балистичките ракети што ги лансира Иран чинат по 3 милиони американски долари. Секоја од нив.

Поранешен финансиски советник на началникот на Генералштабот на израелската војска проценува дека војната со Иран го чини Израел околу 750 милиони долари дневно. И тоа без да се пресметаат штетите од иранското бомбардирање.

Дополнително, кумулативните трошоци за војната во Газа достигнаа околу 67,5 милијарди долари, според процените на израелските медиуми.

Дали Израел може да го издржи ова ниво на трошење?

За израелскиот политиколог Аврахам Дискин, одговорот е да. Засега.

-Израел не одбираше кога ќе влезе во војна во Газа, но тоа дојде во идеално време на економски план бидејќи Израел има многу поголем приход по глава на жител од многу европски земји – вели политикологот.

На долг рок, додава Ледвиџ, ќе страда економијата.

-Но, тоа е секундарна грижа во моментов. Ако сте под она што го гледате како егзистенцијална закана, тогаш навистина не е важно колку време или пари вложувате бидејќи алтернативата е бришење или смрт – вели тој.