Кога некое парче оружје ќе заврши во рацете на улична банда во Франција или кај криминална група во Берлин, ретко кој ќе постави прашање: од каде дојде ова оружје? Во медиумите ќе остане фуснота, во полициските извештаи – шифра. Но токму тоа „од каде“ е она што го објаснува извештајот на Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК), објавен во јуни 2025. Тој го раскажува патот на оружјето низ три клучни држави: Турција, Бугарија и Грција. Пат кој не е фикција, туку европска реалност со последици што не ја одминуваат ни Македонија.
Во Турција, бројките звучат апсурдно – но не и нереално. Повеќе од 36 милиони парчиња оружје се проценува дека се наоѓаат во рацете на цивили, од кои најголемиот дел се нерегистрирани. Турската индустрија произведува огромен број гасни пиштоли – оние што се користат за самоодбрана или сигнализација – но кои со мали измени можат да станат смртоносни. И токму тие се легално извезуваат кон Бугарија, каде приказната продолжува.
Бугарија овде не е само коридор. Таа е трансформатор. Земја што од една страна е членка на Европската Унија, а од друга страна функционира како точка на пречистување – таму оружјето добива нова улога. Дел се модифицира, дел се пренаменува, но најважно: дел се изгуби од официјалните канали и се појавува во подземјето на ЕУ. Не треба да се заборави: Бугарија има своја сопствена индустрија за оружје. Таа е еден од најстарите производители во регионот, со искуство, фабрики и мрежи. Некои од тие мрежи се формални, други – многу помалку.
Грција е веќе друга приказна. Таа е место каде што оружјето не само што поминува, туку и останува. Во Атина и Солун, полицијата со години води битка со нелегални вооружени групи, организиран криминал и политички екстреми. Таму оружјето не е „туѓо“. Домаќинот го познава. Според податоците, повеќе од половина од огненото оружје во Грција не е регистрирано. Тоа е речиси културна нормализација на нелегалното поседување. Но во последните години се јавува нов тренд: оружје отпечатено на 3D принтери. Тоа не доаѓа преку граница. Тоа доаѓа преку интернет. И тоа, во рацете на млади.
Оваа студија јасно ја покажува системската природа на шверцот со оружје меѓу Турција, Бугарија и Грција – не како изолирани појави, туку како функционална мрежа што ја подрива европската безбедносна архитектура. Македонија, со својата географија и институционални слабости, не смее да остане пасивен набљудувач. Доколку навремено не се вклучи во заеднички регионален одговор, ризикува да стане слаба карика во еден транснационален синџир на нестабилност.“ вели авторот Александар Србиновски од ГИ-ТОК.

И сега се поставува логично прашање: каде е Македонија во целата оваа мрежа?
Не е во насловите, не е во табелите на извештајот – но е во географијата. Македонија е опкружена со сите овие држави. Има ранливи гранични премини, политичка нестабилност, ресурси што се на раб на капацитетите. Ако оружјето се движи низ Бугарија и влегува во Грција, што го спречува да помине преку Македонија? Многу малку. Или ништо.
Повеќе заплени на оружје во Македонија во последните две години покажуваат дека трасата не е теорија. Најчесто се работи за огнено оружје што нема официјално потекло. Полицијата објавува акции, но без регионална размена на информации, без заеднички анализи и оперативни платформи – тоа е борба во мрак. Македонија нема капацитет сама да се справи со регионалната мрежа. А регионалната мрежа не чека.
Од друга страна, Европската Унија ги гледа овие ризици, но сè уште се колеба како да постапи. Дел од оружјето што доаѓа од Турција преку Балканот завршува во Париз, Хаг или Минхен. Тоа не е веќе „регионален“ проблем. Тоа е безбедносна пукнатина во шенгенската зона. Ако ЕУ не гледа на Македонија, Бугарија, Грција и Турција како на една логистичка целина, тогаш ќе остане изненадена кога таа целина ќе експлодира.
Овој извештај не е аларм за Македонија. Тој е предупредување за Европа.
Comments are closed for this post.