Лидерот на СДСМ за денеска најави дека ќе излезе со конкретен предлог за она што би се разговарало на лидерската средба, додека од ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со став дека нема потреба од нова лидерска средба која ја гледаат како обид на претседателот на СДСМ да го крене сопствениот рејтинг.

За денеска во 11 часот е закажана седница на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава Филипче, а на дневен ред е Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Македонија (2024-2027).

Филипче во саботата во изјава за медиумите дадена во Охрид рече дека партијата е подготвена да работи заеднички со останатите чинители за доброто и напредокот на државата и дека мора да се откочи евроинтегративниот процес за да може младите да останат во државата и да се работи на унапредување во многу области за да се подобри животот на граѓаните.

– Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, заеднички да работиме на унапредување во многу сфери што ќе го направи животот и подобар и поквалитетен, рече лидерот на СДСМ