Откако Фејсбук беше вмешан во редица скандали за искористување на неговата мрежа за политички цели од Русија, за слаба контрола врз тоа со кого ги споделува податоците на корисниците и критиките дека не успева да го спречи бранот од омраза, компанијата на Марк Цукерберг преминала во контранапад. Во него, таа користела услуги на пи-ар фирма, која прибегнала и кон обвинувања дека зад критиките стои мрежа финансирана од Џорџ Сорос, пишува софиски „Капитал“.
Ова го покажува извештајот на „Њујорк тајмс“, кој се базира врз разговори со над 50 луѓе. Од Фејсбук откажале да обезбедат коментари на Цукерберг и на извршниот директор Шерил Сандберг за истрагата.
Според извештајот, најголемата социјална мрежа во светот работела со консултантската фирма „Definers Public Affairs“, која од сајт близок до републиканците ги ширела пофалбите за Фејсбук, како и негативните биографии на неговите политички критичари, но и фрлала вина врз конкурентите како што се Гугл и Епл. Уште се тврди дека тоа било дел од стратегијата, што имала за цел да се отргне вниманието од Фејсбук заради скандалите. Претседателот на „Отворено општество“, Патрик Гаспард на својот профил на Твитер се јавил со коментар дека таквата тактика е „погрешна, опасна и треба да биде осудена“.
Платформата знаела за руската вмешаност
Во извештајот, исто така, се тврди дека раководството на социјалната мрежа знаело за проблемот со руската вмешаност во американските избори уште во текот на пролетта 2016 година. Тоа не го спречило Марк Цукерберг, есента истата година, да изјави дека е „откачена идеја„ неговата компанија да имала некаква улога во исходот од изборите.
Но, техничките лица на платформата барем половина година порано забележале дека руски хакери напаѓаат профили на социјалната мрежа на луѓе поврзани со претседателската кампања. Подоцна тие набљудувале како профили контролирани од Руси споделуваат со репортери информации од хакираната пошта на раководството на Демократската партија. Листата со докази била составена повеќе од една година пред Фејсбук да почне да ги споделува со јавноста, па дури и со сопствениот борд на директори.
Заштитна реакција
Како одговор на критиките компанијата на Цукерберг почнала со лобирачка кампања за која бил одговорен оперативниот директор Шерил Сандберг. Дел од таа кампања било ангажирањето на пи-ар фирмата „Definers Public Affairs“, а во серија публикации Сорос се опишува како сила која стои зад некакво сеопфатно „анти-Фејсбук движење“. Користени биле и бизнис врски преку кои пред организации за заштита на граѓанските права на Евреите било лобирано да се вклучат со критики дека нападите врз Фејсбук се и антисемитски.
Претседателот на „Отворено општество“, Патрик Гаспард, во писмо до Шерил Сандберг, пишува:„Разочарувачки е да видиме како не сте се справиле со тоа да го контролирате говорот на омраза и на платформата да дозволувате дезинформации. Сега станува јасно дека сте стоеле зад тие појави без да преземете вистински активности против нив“.
Од социјалната мрежа за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека ги прекинале односите со „Definers Public Affairs“. Но, по објавувањето на текстот демократскиот конгресмен Дејвид Сајсилин, кој во новиот состав на Конгресот се очекува да ја предводи правната комисија, изјави дека е очигледно оти „раководителите на Фејсбук секогаш ќе го ставаат огромниот профит пред интересите на своите клиенти“, поради што не може да се има доверба во компанијата дека ќе се саморегулира, па оттука ќе треба парламентот да интервенира.
Comments are closed for this post.