Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја повика денес Германија да направи напор кон тоа Европа да стане посилна во време на нов национализам.
„Денес отворивме ново поглавје. Тоа и го должиме на Европа“, рече Макрон во германскиот Бундестаг во говор во чест на Денот на сеќавањето.
Климатските промени, трговските спорови и други предизвици исто така бараат одговор. „Сите ние сакаме праведен светски поредок“, истакна Макрон.
Францускиот претседател се заблагодари што можел да се обрати во германскиот парламент токму на овој ден кој е „голем сигнал на помирување“.
„Нашите сличности се посилни од разликите“, подвлече тој.
Макрон во говорот ја истакна автономијата на Европа: „Европа и теренот на француско-германската соработка имаат обврска да не дозволат светот да отиде во хаос. Токму затоа Европа треба да стане посилна, а за тоа е потребно таа да биде понезависна. Европа мора да преземе повеќе одговрност за сопствената безбедност и одбрана, и треба поголем европски суверенитет“, потенцираше Макрон.
Во таа насока, медиумите јавуваат дека францускиот претседател ја добил поддршката од канцеларката Ангела Меркел за креирање европска армија. Меѓутоа, холандскиот премиер, Марк Руте, ја отфрла таа идеа, и сосема е неизвесно како во иднина ќе се развива оваа намера која подолго време ја промовираат Берлин и Париз.
Денот на сеќавањето, инаку, е воведен пред 100 години во 1919 година за да се покаже солидарност со преживеаните од Првата светска војна.
Во рамки на церемониите беа прочитани и писма од стари фудбалери на Шалке 04, Херта БСЦ, Ливерпул и на Клуб Бриж како и животни стории на фудбалери од нивните клубови кои умреле како војници.
„Солзите немаат боја“, кажа еден фудбалер на Бриж.
Comments are closed for this post.