Военото крило на Хамас денеска објави нова видео-снимка со еден од израелските заложници, киднапиран на 7 октомври 2023 година за време на нападот на ова палестинско исламистичко движење во Израел.

На снимката, која трае нешто повеќе од три минути, млад човек зборува на хебрејски и повикува на притисок врз израелската влада за да се обезбеди неговото ослободување.

Семејството на младиот Матан Зангакер, кој имал 24 години во моментот на нападот, ја одобрило објавата на видеото.

Зангакер бил киднапиран од својот дом во кибуцот Нир Оз заедно со својата израелско-мексиканска партнерка Илана Грицевски, која била ослободена на 30 ноември 2023 година за време на прекин на огнот.

– Фактот дека Матан сѐ уште е жив не значи дека ќе ја преживее зимата или продолжувањето на воените притисоци. Единствениот начин Матан да се врати е со воспоставување прекин на огнот, изјави неговата мајка, Ајнав Зангакер, на собир во Тел Авив, обраќајќи се до премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Од почетокот на војната во Газа, само еднонеделен прекин на огнот беше воспоставен во ноември 2023 година, кога беа ослободени 105 заложници во рамките на договор што овозможи и ослободување на 240 палестински затвореници.

Оттогаш израелската армија успеа да ослободи уште седум заложници, но преговорите за прекин на огнот се во застој веќе месеци.

Меѓу заложниците има и странци, вклучувајќи шест Тајланѓани и Непалци, како и неколку лица со двојно државјанство.

За време на нападот на Хамас, 251 лице беа киднапирани на израелска територија. Во Газа останале 96 заложници, од кои 34 се прогласени за мртви од израелската армија.