Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ) е единствен во Македонија и во регионот од ваков вид. Се изгради во 2015 година и е опремен по најсовремени стандарди. Центарот има оддел за производство на радиоизотопи, циклотронски добиени и синтеза на радиофармацевтици, како и дијагностички оддел, каде се изведува ПЕТ/КТ скенот. Во него работи тим едуциран во врвни светски ПЕТ/КТ центри. Со оглед дека е единствен во регионот, фрекфенцијата на пациенти е многу голема на месечно ниво.

Пред пет месеци, кога дојдов на оваа функција, листата на чекање беше преголема. Направивме измени во начинот на кој се упатуваат пациентите преку системот „Мој термин“. Досега постоеше само еден урнек како се испраќаат пациентите, но ние направивме повеќе урнеци кои се по дијагнози. Така, секој пациент има шанса да добие место во системот „Мој термин“, вели во интервју за „Република“ доц. д-р Невена Маневска, специјалист по нуклеарна медицина, директорка на УИ ПЕТ.

Со неа разговаравме за процедурата, како се изведува, дали е штетна, кај кои пациенти треба да биде извршено скенирањето и каква е иднината на позитронско-емисионата томогафија.

Што е ПЕТ/КТ-скен? Дали е штетен? Што опфаќа и како се прави?

МАНЕВСКА: ПЕТ/КТ скен или позитронско-емисионата томогафија е нуклеарно-медицинска дијагностичка процедура којашто не е инвазивна. Опфаќа скен на целото тело кај пациент после интравенска апликација на радиофармацевтик. Во нашата земја се користи само флуорoдезоксиглукоза (FDG) бележан со изотоп флуор 18 (18F). Карактеристично е тоа што тој се заробува во клетката по принцип на метаболно заробување кај клетки кои имаат зголемен глукозен метаболизам. Во најголем процент такви се малигните клетки кои се и најголема индикација за испраќање на пациентите на ПЕТ/КТ-скенирање. Не би рекла дека е штетен, бидејќи методот е неинвазивен, може да се примени кај секого.

Кои се придобивките од ПЕТ-скенот? Какви информации му дава на докторот што другите испитувања не можат да ги обезбедат?

МАНЕВСКА: Широк е дијапазонот за ПЕТ/КТ -скенот. Би почнале од дијагностика, кога треба да се дијагностицира одредена туморска лезија којашто можеби другите имиџинг методи можеби не може да ја дијагностицираат. Потоа, кога треба да се направи проценка на стадиум на болеста, проценка на повторен стадиум на болеста кај пациенти коишто веќе примиле хемотерапија или зрачна терапија, потоа кога треба да се планира радиотерапија, точно да се ограничи местото локализира туморското ткиво кое треба да ја прими дозата,а да се поштеди здравото, околно ткиво и исто така кога треба да се биопсира одредена туморска лезија. Ако има повеќе туморски лезии, овој скен може да ни ја прикаже најадекватната лезија којашто треба да биде водена под ПЕТ/КТ за биопсија. ПЕТ/КТ скенот се изведува кога треба да се одреди дали има рецидив на болеста кај пациенти кои имаат зголемени тумор-маркери или одредени други лезии на другите радиографски методи (компјутерска томогафија или магнетна резонанца), повторно да се испрати за ПЕТ/КТ скен за да се види каков е стадиумот на болеста, односно дали има релапс на болеста.
Над 80 отсто од нашите пациенти се онколошки и пациенти од хематологија. Но, секако, ПЕТ/КТ скен не се применува само кај малигни туморски лезии. Наоѓа широка примена и во други области. На пример, кај пациенти кои доаѓаат од Инфективна клиника, што боледуваат од треска од непознато потекло каде што треба да се најде жариштето што ја предизвикува таа треска. Има примена и кај невролошки заболувања, и тоа кај пациенти со невродегенеративни болести, како и пациенти кои боледуваат од епилепсија, потоа кај кардиолошки пациенти каде што ПЕТ/КТ скенот треба да „улови“ инфективен фокус и сл. Може и пред да се изврши хируршка интервенција да се направи ПЕТ/КТ скен доколку хирурзите бараат одговор на прашањето дали пациентот може да се оперира или пак прво треба да се упати на онкологија за да прими терапија. Значи ПЕТ/КТ значи може да се примени пред хируршката интервенција, пред примена на терапијата за да се види стадиумот на болеста, каде е се раширена болеста по телото, после примање на терапијата дали има одговор на терапијата, дали да се прекине и да се примени друга терапевтска процедура.

д-р Невена Маневска

Дали пациентите пред скенирањето мора да следат одредени насоки? Има ли посебен протокол пред скенирањето?

МАНЕВСКА: Подготовката на пациентите пред ПЕТ/КТ-скенот е многу важна, особено во нивото на гликемијата, бидејќи се работи со радиофармацевтик којшто е флуордезоксиглукоза, значи ги лови клетките со зголемен глукозен метаболизам и гликемијата треба да биде во оптимални граници за да може да се изведе ПЕТ/КТ скенот. Тоа значи дека пациентот не смее да јаде и пие минимум 4 до 6 часа пред да се изведе скенирањето, дозволена е само вода и особено протоколот е многу битен кај пациенти кои боледуваат од дијабетес. Кај нив има посебен протокол кога смеат да го примат инсулинот или таблетарната терапија пред да го изведат ПЕТ/КТ скенот. Упатството за подготовка на пациентот може да се најде на нашата веб-страница.

Колку пет-скенови можат да се направат? Дали постои ограничување за возраст, пол, болест?

МАНЕВСКА: Нема ограничување на пол и возраст, ПЕТ/КТ скенот може да се направи и кај деца. Протоколот за сите пациенти е дека по интравенка аликација потребно е мирување во лежечка положба од 1 час, а потоа се упатува на камера за ПЕТ/КТ скен. Детето треба да соработува, да биде мирно во време на апликација и по самата апликација, како и за време на скенирањето.Ние снимаме деца над пет години. Ако не може да биде мирно детето, тогаш се применува протокол со седација – успивање, за да биде успешен прегледот.
Ако лекарот специјалист се сомнева дека пациентот не реагира на терапијата, ако има зголемување на туморските маркери може и порано да биде испратен на ПЕТ/КТ скен, но не порано од два-три месеци. Значи, мора да има најмалку два-три месеци пауза меѓу две снимања. Пациент може да биде упатен на ПЕТ/КТ скен само со конзилијарно мислење од тројца лекари специјалисти кои ќе се согласат дека треба да се направи ПЕТ/КТ преглед.

Каква е фрекфентноста на пациенти во УИ ПЕТ Скопје со оглед дека сте единствен ваков Институт во регионот и примате пациенти надвор од Македонија?

МАНЕВСКА: Со оглед дека е единствен Институт од ваков вид во земјата и во регионот, фрекфенцијата е многу голема на месечно ниво. Пред 5 месеци листата на чекање беше навистина долга. Направивме измени во начинот на кој се упатуваат пациентите преку системот „Мој термин“. Досега постоеше само еден урнек како се испраќаат пациентите, но ние направивме повеќе урнеци кои се по дијагнози за да можат сите административни работници со кои соработуваме да ги закажат пациентите. На месечно ниво од нив бараме бројка колку пациенти чекаат за карцином на дојка, карцином на бели дробови, за лимфоми на хематологија, и според таа бројка, отвораме термини. Значи термините се целни, по урнек. Така, секој пациент има шанса да добие место во системот „Мој термин“. Вака се оптимизираше начинот на испраќање на пациентите во соработка најмногу со Клиниката за онкологија и Клиниката за хематологија. Промените се позитивно прифатени. Исто така зголемен е бројот на прегледи на месечно ниво. Сега се работи од понеделник до петок, порано се работеле четири работни дена. Сега бројката е зголемена за 60 пациенти на месечно ниво. Бидејќи октомври беше месец за подигање на свесноста за борба против карцином на дојка, првпат се работеше и за празници, па така на 11 и 23 октомври отворивме термини исклучиво за карцином на дојка. Успеавме за 30 до 40 отсто во октомври да ја намалиме листата на чекање. Ако обично во еден месец има 200 прегледи, во октомври имавме 100 прегледи повеќе токму поради тоа што отворивме дополнителни термини. Годишно бројката на ПЕТ/КТ прегледи е околу 2.200, ќе се потрудиме во 2025 година таргетот да биде 2.500 прегледи и тоа само со една ПЕТ/КТ камера. Имаме доволно обучен кадар и ако успееме да се опремиме со уште една камера, годишно бројката може да стигне и до 4500-5.000 прегледи.

Каква е иднината на позитронско-емисионата томогафија?

МАНЕВСКА: Иднината ја согледувам во поголеми можности каде би се нашла употребата на овој радиофармацевтик што го користиме (FDG), да не биде само во онколошки и хематолошки пациенти. Ние сакаме да ја зголемиме фрекфенцијата кај невролошките пациенти кои боледуваат од деменција и да почнеме кај кардиолошките пациенти. Покрај FDG би сакала да воведеме и нови радиофармацевтици, како што е 18F-PSMA. Моментално работиме на валидација на овој метод за детекција на туморски лезии од карцином на простата и се надевам дека во 2025 година за прв пат ќе почнеме со овој тип на дијагностика во нашата земја. Иднината ја гледам не само во дијагностицирање на туморските лезии, туку и во третман со радионуклиди. Терапијата со радионуклиди е развиена и зема поголем замав во третман на онколошките пациенти. Тоа е таргетирана терапија, конкретно за одреден карцином. Тоа значи постојат изотопи и радиофармацевтици кои ќе делуваат во тоа туморско ткиво за да го уништат. Се надевам дека и кај нас ќе се почне со ваква терапија и тоа со лутециум 177 за третман на карцином на простата и на неуроендокрини тумори.