Министерството за внатрешни работи истражува како екс Премиерот Никола Груевски ја напуштил земјава, но засега никакви детали не соопштуват во јавноста.
Во меѓувреме медиумите во соседството и во Унгарија објавуваат различни верзии.
Според информациите кои денеска се објавуваат во унгарските медиуми, наводно Груевски во Будимпешта стигнал со приватен авион кој го користел и неговиот пријател, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Меѓутоа, според различни верзии во медиумите летот се случил еден односно два дена по 13 ноември – датумот кога Груевски го објави статусот дека е во Будимпешта.
Нови информации за бегството на поранешниот премиер денеска стигнаа и од Бугарија. Новинската агенција „Фокус“, објави дека наводно Груевски веќе ја напуштил Унгарија и се упатил кон Турција или Русија. При објавата на оваа информација бугарската агенција се повика на висок партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа, според медиумите во регионот, покрај овие две, и Белорусија се споменува како една од следните дестинации на експремиерот.
Повеќе унгарски медиуми пренесуваат изјава на добро информиран дипломат кој тврди дека според дипломатските таблички на бројот 55, со една таква кола бил носен поранешниот македонски премиер, е вусшност тој автомобил на белоруски дипломатски претставништва. Дипломатот го наведува тоа затоа што бројката 55 на дипломатските таблички е број резервиран за белоруски дипломатски возила.
Дел од медиумите во Унгарија почнаа се погласно да ги изнесуваат сомнежите дека во организирањето и во бегството удел имал и кабинетот на премиерот Орбан.
Македонските власти не откриваат речиси ништо.
Врз основа на последните изјави на премиерот Зоран Заев само знаеме дека македонското МВР ги проверува сите наоди и дека трае истрагата. Она што е познато е дека ќе се проверува евентуалната инволвираност во бегството на Груевски на граничарите во близина на македонско – албанската граница и други службени лица.
Comments are closed for this post.