Првата рата од 52 милиони евра до крајот на годината ќе легнат на македонската сметка од Планот за раст, е веста што ја донесе претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен во Скопје. Но, не одговори дали за Брисел е прифатлив предлогот на македонската власт за одложено дејство на уставните измени, туку само дека европска помош ќе има во спроведување на преземената обврска за уставни измени.

Отворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор до вас, само уште да се донесат уставните измени на кои што Северна Македонија се согласи дека ќе ги направи. Оваа порака од Брисел во Скопје ја донесе претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен. Таа посочи дека целта е јасна, да се отвори кластерот од преговорите што е можно побрзо.

„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја во секој дел од патот. За мене тоа е мошне важно, работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот фундаментални вредности, тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат“, изјави таа.