На денешната владина седница не е разговарано за кадровските решенија во Историската комисија со Бугарија. За тоа, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, ќе се разговара на некоја од следните седници.
– Денеска на владина седница не беше на дневен ред Комисијата. Претпоставувам на некоја од наредните седници ќе се најде истата со новиот предложен состав, рече Мицкоски.
Мицкоски во изјава дадена на 26 август најави кадровски промени во Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Според премиерот, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.
Во однос на изјавите на претседателот на Комисијата Драги Георгиев, премиерот рече дека Георгиев самиот себеси се компромитирал.
– Г. Георгиев сум го коментирал многу пати во минатото и жалам што тој самиот себе се компромитираше, немаше потреба никој да го компромитира изминативе години коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор, рече Мицкоски.
Comments are closed for this post.