Владо Јаневски и Охрид имаат некоја посебна магија.Најголемата македонска ѕвезда синоќа одржа одличен концерт на Античкиот театар. Речиси три часа публиката пееше со него хитови од почетокот на деведесеттите години до последната „Прекрасен ден“ за која спотот се снимаше во живо.
Владо и на 64 години се држи добро, комуницира со фановите, кажува по некоја мангупска шега од младоста на која се присетуваше од спотовите кои се вртеа на видео бимот.
Но, и лесно му е да пее кога има хитови кои сите ги знаат, од неговата, средната па и генерацијата која не била ни родена кога излегоа „Чаирска романтика“, „10 девојки“, „Еден бакнеж“, „Црно тиквешко“ и евровизиската „Не зори зоро“.
Затоа во Охрид, како што рече мора да му се заблагодари на охриѓанецот Григор Копров кој му ги напиша најубавите песни кои му го промениле животот и кариерата.
Владо треба да биде пример за младите пејачи дека за да опстанеш повеќе од три децении на сцената мора да имаш сѐ, од изглед до фраерлук, но најважно е да имаш песни.
Концертот го организираше „Прагма продукција“.
Comments are closed for this post.