Обединето под мотото „Македонија повторно горда“ десетици илјади граѓани вечерва се собраа пред платото на Владата за да ѝ порачаат на на власта дека нејзиното време заврши. На големиот сенароден митинг, со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе ја започне кампањата на претседателските избори, партијата ќе ја претстави својата кандидатка за претседателка на државата, професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска Давкова.
Пред насобраниот народ се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Хрситијан Мицкоски, кој поздравувајќи ја атмосферата, порача:
Народот доаѓа по своето… Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија.
Мицкоски се осврна на премрежињата низ кои ВМРО-ДПМНЕ истраја за да дојде до финално патување на почетокот на пролетта.
Се сеќавате како почнавме. Низ какви перипетии поминавме и како партија, и како држава. Какви подметнувања, опструкции, какви деструкции, обиди за рушење на ВМРО, и обиди за уништување на се она што значи македонска идеја, сон за држава со свој идентитет и вредности, што не се обидоа да направат, што не пробаа да сторат за да не нема. Какви се не сценарија смислуваа и сè уште смислуваат.
Сакаат да не нема. Мислеа дека ние сме само поединци, не сфаќајќи дека нивниот противник не е личност, туку идеја, идеја која живее во секој од нас. Сакаа да не обесхрабрат, демотивираат, уживајќи во апатијата која сами си ја создаваа. Но, еве сме! Посилни од кога било! Стоиме горди и исправени! Обединети, сложни, со јасна заедничка цел! Идејата не можат да ја уништат. Нашата идеја се вика Македонија, порача Мицкоски.
Целта на ВМРО-ДПМНЕ е, рече претседателот на партијата, Македонија да се врати во рацете на народот.
Проблемот на Ковачевски, е што државата му ја подари на Али Ахмети, и тоа на тацна. 20 години нема ниту ден човек кој од ДУИ одговарал. А денес државата е во нивни раце, а нивните измеќари од СДСМ се спремни да ја платат секоја цена само за да ја задржат фотелјата, и не прашуваат колку чини таквата распродажба.
„Едно општество за сите“, кое го преставуваа за врвен концепт, прерасна во општество за СДСМ и петорица главни во ДУИ кои одлучуваат за се што е важно.
Лидерот на најголемата политичка партија, Христијан Мицкоски, ја обвини власта дека државата веќе нема систем, а Македонците се граѓани од втор ред.
И не само Македонците, граѓани од втор ред се сите други граѓани без разлика на етничка припадност, дали се Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци… сите од ова држава кои не се Артан, или негови другарчиња, кои не се Бујар или негови другарчиња, кои не се Зечевиќ, Маричиќ, Али и Ковачевски и нивните 100-тина разбојници, кои ја уништија нашата држава, сите освен нив, се граѓани од втор ред. Владее хаос. Анархија. Банди се пукаат по улици, дрогата царува, криминалот цвета, непотизам насекаде, правда никаде. На добар пат сме Косово да е побезбедно и понапредно од нас. Да не ги познававме ќе мислевме дека тоа и им е целта. Да сме последна дупка во регионот, луѓе да се иселуваат масовно и да нема никаков систем и ред, шпотенцира Мицкоски.
Тој потсети на сите обиди на власта да ги изигра, зашто не може да ги победи.
Победникот на овие избори заедно со вас, народот на Македонија, е ВМРО-ДПМНЕ и вистинската сила за промени е токму оваа политичка структура со коалицијата Твоја Македонија. Влада ќе прави ВМРО-ДПМНЕ и никогаш нема да ја изиграме волјата на народот. Доаѓа победа голема како планина. Македонија да ја направиме повторно горда, порача Мицкоски.
Comments are closed for this post.