Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува денеска и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Кандидатите за претседател вчера ги соопштија и ДУИ кои го предлагаат министерот за надворешни работи Бујар Османи и Движење ЗНАМ-За Наша Македонија кои ќе настапат со лидерот Максим Димитриевски. Претходно СДСМ објавија дека нивен кандидат ќе биде актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, партијата што ја предводи, професорката Билјана Ванковска на Левица, Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ. Својата независна кандатура за претседател во октомври, лани, прв ја најави Вело Марковски, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатурата на Османи ја објави претседателот на ДУИ Али Ахмети кој најави дека по изборите ќе се залага за уставни измени, за избор на претседател во Собранието и за впишување на Бугарите во Уставот. Во спротивно, како што рече, ДУИ нема да учествува во власта.
-Изборите кои се пред нас, парламентарните и претседателските, се од одлучувачка важност во оваa битка. Затоа на овие избори одлучивме да побараме од Вас да останеме заедно, да се построите со нас за реализација на нашето барање (од 2016 и 2020) за уставни измена и избор на Претседателот и Заменик претседател на државата во Собрание, вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот и да и кажеме одлучно НЕ на Русија, и ДА на Европа. Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја, порача Ахмети во видео обраќање.
Според Ахмети, изборот на претседател во Собрание е за поголема консензуалност и помалку трошење буџетски средства, а ДУИ по изборите ќе соработува со партиите кои ќе ја прифатат нивната платформа.
-Секоја политичка партија која го оспорува Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство, Преспанскиот договор, која ја оспорува независноста на Косово, со нас не може да има дијалог, рече Ахмети.
Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова вчера потврди дека е кандидат за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ, откако беше единствена што се пријави на партискиот повик. Доколку стане претседателка ветува дека нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.
Во рекорден рок нејзините колеги и колешки ги собрале потребните 30 потписи, без нејзино знаење. Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.
-Зошто се кандидирам? Од објективни и од субјективни причини. Објективните се резултатот од минатите избори. Големо признание е кога ќе добиете околу 380 илјади гласови, и тоа не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека траба рамноправна да бидам со сите други и се разбира, да повикувам повторно од оние кои не се во политиката или не се идеолошки и партиски определени, изјави Силјановска-Давкова.
Од СДСМ завчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено актулниот шеф на државата Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. За одлуката деновите треба да се изјаснат Извршниот и Централниот одбор на партијата, а промотивната конвенција е планирана за 3 – ти март.
Comments are closed for this post.