Новиот претседавач со ЕУ, Белгија има само осум недели да постигне договор со Европскиот парламент за неколку клучни регулативи поврзани со Зелениот договор за кои се води жестока дебата во Унијата, како оние за правилата за отпадот од амбалажа, за ограничување на емисиите на јаглерод диоксид од камионите и автобусите и за нормите за сертификација на јаглеродот.
Европскиот зелен договор беше еден од основните столбови на програмата за работа на актуелната Европска комисија, но и во последните месеци од нејзиниот петгодишен мандат се уште меѓу институциите на ЕУ и земјите членки не е постигнат компромис за негова целосна операционализација, иако веќе се усвоени неколку значајни законски решенија за климатската акција, енергетската транзиција и заштитата на животната средина.
Негативни импликации врз спроведувањето на Зелениот договор имаа и ковид пандемијата и руската агресија врз Украина, која резултираше со енергетска и економска криза во блокот, проследени со раст на цените на енергенсите и на инфлацијата и зголемување на трошоците за задолжување. На дел од законските решенија од Зелениот договор се противи и бизнис секторот во ЕУ, особено за регулативите за пластичен отпад и за ограничување на емисиите на штетни гасови од возилата.
Сето ова го зголеми притисокот врз Европската комисија за „забавување“ на зелената транзиција, пред се во делот на префрлање на обновливи извори на енергија и плановите за затворање на електраните на фосилни горива.
Дел од аналитичарите проценуваат дека во последната година од мандатот на Комисијата предводена од Урсула фон дер Лајен видлив е „еден вид зелен замор“ во Унијата и се поочигледно е дека одредени структури ќе го наметнат прашањето за политиките за заштита на животната средина во кампањата за европските избори во јуни годинава, како една од линиите на раздвојување меѓу политичките субјекти.
Дури и политичката групација на Фон дер Лајен, Европската народна партија (ЕПП) беше на прагот да го блокира Предлог-законот за обнова на природата, кој сепак помина со тесно мнозинство во Европскиот парламент, благодарение на поддршката социјалдемократите, либералите, зелените, левичарските и европратеници кои не се дел од партиските групации.
Во вакви услови Белгија, како претседавач со ЕУ во првите шест месеци од годинава, за време на чиј мандат и ќе се одржи гласањето на новиот состав на Европарламентот, ќе има тешка задача да ги протурка преостанатите законски досиеја од еколошката сфера пред европските избори. За да успее во тоа, договорот меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за текстот на законските решенија мора да биде постигнат до крајот на февруари.
Дополнителен притисок врз Белгија е и фактот што заедно со европските во оваа земја ќе се одржуваат и избори за Федералниот парламент и за регионалните законодавни тела на Брисел, Валонија, Фландрија и на Германската национална заедница.
Во своите приоритети за претседавањето со ЕУ, Белгија наведе само неколку од неусвоените регулативи поврзани со зелена политика кои експлицитно би сакала да бидат усвоени, како Рамката за сертификација за отстранување на јаглерод (ЦРЦФ), чија цел е намалување на јаглеродниот отпечаток во ЕУ, потоа стандардите за емисиите на јаглерод диоксидот од тешките товарни возила и автобуси, како и Регулативата за амбалажа и отпад од амбалажата, наменета за намалување на количеството на фрлена амбалажа на 181 килограм годишно по глава на жител.
Белгија ќе ги претставува земјите членки во преговорите со Европскиот парламент, со посредство на Еврокомисијата, формат познат како „тријалог“, што се одвива зад затворени врати. Во текот на тие преговори ќе мора да се имаат предвид и националните интереси на земјите членки, како на пример инсистирањето на Белгија и Чешка за слични правилата за фрлање на шишињата од пиво, како за амбалажата од вино, потоа предлозите за ограничување на пакувањата за брз храна или одредбите за рециклирање.
Еколошките организации и активисти инсистираат овие регулативи да се донесат во мандатот на сегашниот парламентарен состав, бидејќи стравуваат дека следниот Европски парламент ќе биде „помалку прогресивен“, односно во него ќе има поголем број европратеници од редовите на десничарските партии кои имаат резерви или отворено се противат на зелените планови.
Бидејќи евроизборите се закажани за периодот од 6 до 9 јуни, тоа ќе значи дека финалните договори во рамки на „тријалогот“ треба да бидат постигнати најдоцна до почетокот на март, за да може да бидат усвоени до последната пленарна сесија на Европскиот парламент што ќе се одржи кон крајот на април.
За останатите зелени досиеја, како она за двојно намалување на употребата на пестициди, Белгија планира да се обиде да склучи т.н. меѓувладини договори, по кои Советот на ЕУ би можел да почне преговори со европратениците по летните одмори. Разговорите за ваквите договори би можеле да продолжат до истекот на белгиското претседавање, односно до крајот на јуни. Белгија, исто така, се надева на меѓувладини договори, односно обезбедување преговарачки мандат од земјите членки и за новите правила на ЕУ за генетски модифицирани култури и за Директивата за квалитет на амбиенталниот воздух.
Comments are closed for this post.