Одлуката дека ќе бидат забранети акциите во маркетите со кои одредени производи се нудат по значително пониски цени, сепак, ќе претрпи модификација и трговците ќе можат и на ваков начин да привлекуваат потрошувачи. Како што најави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, одлуката која што утре треба да биде усвоена на владина седница „ќе има мала корекција“.

Утре ќе има мала корекција на таа одлука. Ми беше важно граѓаните да не бидат измамувани односно да се ставаат во заблуда, откако ќе бидат објавени одредени акции, кога ќе одат дома да видат дека рокот на траење е два дена и да имаат дополнителни трошоци бидејќи повеќе од 50 отсто од производите треба да ги фрлат. Такви акции нема да бидат дозволени. Но, акции за дополнително намалување од ова од ова што ние го утврдуваме ќе бидат дозволени – рече денес Бектеши на прес конференција одговарајќи на прашање на новинарите.

Тој додаде дека оние што имаат можност тоа да го направат, можат и да се промовираат себеси.

Тоа не е проблем, нам ни е важно да има намалување на цените и граѓаните да не бидат ставени во заблуда – рече Бектеши, појаснувајќи дека супермаркетите нема да можат да ставаат ознака „Акција“ за производите кои ги имаат заради истек на рокот.

 

„Тоа мора да се наведе, дека намалување на цената на одреден производ е поради истек на рокот. А, потоа потрошувачот сам ќе одлучи дали би го купил производот или дали има време во тој рок да ги потроши тие производи“, рече Бектеши