Со Свечена академија – „32 години независност“ што ќе се одржи попладнево во Филхармонијата, почнува одбележувањето на Денот на независноста.
Свечената академија на која ќе присуствува и ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата.
Одбележувањето на државниот празник кое е организирано од Владата под мотото „Гласник на слободата“, продолжува утре со повеќе културни, забавни и спортски настани.
По повод 32 години од прогласувањето на независноста на државата, утре владина делегација предводена од премиерот Ковачевски, во чиј состав ќе бидат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за здравство Фатмир Меџити, ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Потоа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со директорот на ГОБ „8-ми Септември“ др. Христијан Костов, во ГОБ „8-ми Септември“ ќе присуствуваат на презентација на нова опрема и апарати.
Одбележувањето на Денот на независноста ќе продолжи во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“, каде ќе се одржат тактичко-показни вежби на единиците на Армијата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи. На локацијата „Школка“ е предвидена и културно-уметничка програма, во рамки на која ќе учествува воениот оркестар на Армијата на Македонија, културно-уметнички друштва, членовите на „Златно славејче, како и програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат претстава „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).
Во текот на денот, на истата локација, сите заинтересирани ќе имаат можност да бидат дел од серија спортски активности организирани во соработка со Агенција за Млади и Спорт.
На манифестацијата во Градскиот парк, ќе присуствуваат претседателот на Владата Ковачевски и членови на Владата на Република Македонија.
Comments are closed for this post.