Премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави акцијата на МВР и на обвинителството за случајот на Онкологија и рече дека ќе има одговорност, но повика да не се прави сензационализам и да не се напаѓаат сите лекари и медицински сестри поради неколкумина.
– Тоа се грозни наводи кои не смеат да се случуваат, а за кои сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена ваква акција за идентфикација на сторители на вакви дела. Да повикам да не се прави сензационализам и напад на сите доктори и сестри. Најголемиот персонал се извонредни кадри кои се грижат за нашето население. Секој криминал има име и одговорност и задачата на МВР и на ОЈО е да обезбедат докази и да ги најдат сторителите.
Нема да има заштита за било кого, се работи за грозни наводи кои се предмет на истрагата. Гледам по медиумите, посебно социјалните, дека се сака да се креира слика на вмешаност само на одредени лица во зависност од нивната припадност, она што можам да кажам е дека ваков тип на криминале мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен – рече Ковачевски.
Запрашан дали ќе има одговорност и оставки во министерството за здравство, премиерот не кажа дали ќе има политичка одговорност и не одговори зошто институциите не реагирале многу порано.
– Дали наводите кои беа изнесени биле сериозно земени, се потврди за време на акцијата. Сите граѓани без исклучок што се занимаваат, беа сведоци на јавните написи кои беа објавени. Врз основа на тие беше покрената акција која беше професионална. Ова е првпат да се прави ваква обемна акција, секој друг навод кој ќе биде достапен до јавноста за било која клиника, ќе биде третиран и санкциониран од институциите.
Одговорноста има име и презиме, ќе бидат санкционирани оние што го прекршиле законот и етичките и морални норми за обавување на здравствената дејност. Во моментов раководи на Онкологија нов директор и тој соработува во истрагата – истакна Ковачевски.
Comments are closed for this post.