Јасно беше дека ќе дојдеме до оваа позиција, тоа го предупредувавме сите, би рекол целата јавност но пред се граѓаните со оние протести минатата година, кога му велевме на Ковачевски да не потпишува за кое целиот народ е против и за кое му треба помош. Не може да потпишете нешто и да очекувате друг да прифати без да го консултирате, изјави политичкиот аналитичар Владимир Божиновски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

За посетата на Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД, Божиновски вели дека се направи фама дека доаѓа да ја реши ситуацијата и опозицијата ќе потпише, но реалноста е да види дали има можност дали има излез од оваа пат ситуација.

САД секогаш се тука кога и треба помош на Македонија и Ескобар доаѓа да види дали има можност да се излезе од оваа пат позиција. Не е дојден дека на некој ќе му виткал рака, ќе убедувал или веднаш ќе прифати опозицијата. Сега има опција опозицијата да прифати, што е неверојатно, затоа втората опција е да има избори што е поверојатна опција ако сакаме излез и трета опција е ништо да не се смени. Втората опција за предвремени избори има повеќе шанси , затоа што власта го изгуби легитимитетот за носење на крупни одлуки, рече Божиновски.

Тој потенцираше дека ако сакате крупна одлука мора да имате легитимитет за тоа, а граѓаните што мислат по ова прашање видовме, имаше месец дена протести каде илјадници луѓе се собираа и му порачуваа на Ковачевски да не потпишува.

Кога се отвораше седницата за промените во устав немаше протести затоа што граѓаните беа сигурни, ВМРО-ДПМНЕ една година повторува дека нема да дозволи промена на уставот и тоа се виде, потенцираше Божиновски.

Тој нагласи дека ова прашање не го изнеле партиите пред граѓаните на избори и затоа мора да има избори па секој со својот став да излезе.

Тоа прашање мора да се отвори и претстави пред граѓаните. Како планираме да го надминеме овој проблем. На граѓаните им е смачено. Губиме на милион различни фронтови, имаме катастрофа, немаме учебници, растот на економијата последниве години е најлош во регионот, инфлација, рече тој.