Со понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидeрската средба која премиерот Ковачевски ја одби, се исцрпи можноста за договор помеѓу власта и опозицијата за уставните измени. Отсега натаму во игра се само избори, по можност предвремени.
Шансата за договор уште повеќе се исцрпи откако власта без обезбедено мнозинство тргна во авантурата наречена уставни измени.
Иако и владејачките партии беа свесни дека се далеку од 80 пратеници, тие ја започнаа процедурата, надевајќи се до последен момент дека некој од „горе“ ќе ги разубеди или присили пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени, односно да се повтори преспанското сценарио.
Но, сега околностите се сосема поинакви, ВМРО-ДПМНЕ е обединето како никогаш досега и тој филм беше малку веројатно дека повторно ќе се прикаже во „кино“ Собрание.
Затоа наивно личат обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ e виновно што нема уставни измени. Единствениот виновник за тоа е власта која презема обврска која не може да ја исполни и која е исклучива надлежност на Собранието.
Вина има и меѓународната заедница која им веруваше или сакаше да им верува на лагите на првите луѓе од коалцијата на СДСМ и ДУИ дека им фалат уште двајца, па уште тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и оти уставните измени ќе поминат мазно.
Дека тоа не е така се виде на гласањето на дневниот ред. За уставни измени не гласаа сите пратеници на власта, односно на некои им заглави копчето како што се вадеше Ковачевски.Но, затоа копчињата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа заглавени и единствената опција беше „против“. Со оваа одлука се отвора патот за избори, наесен или напролет, исходот е повеќе од извесен.
Comments are closed for this post.