Според доказите со кои располага Специјалното јавно обвинителство (СЈО), произлегува дека според истрагата поведена за случајот „Империја“, во кој главен од осомничените пет лица е бизнисменот Орце Камчев, е сторена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од најмалку 6.275 милиони евра, соопшти СЈО.
Во соопштението се додава дека дека се испрани и парични средства во износ од речиси 11 милиони евра (10.939.938).
СЈО информираше дека во рамки на истрагата „Империја“ судот донел решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.
„Воедно, информираме дека петте осомничени лица, за кои беше поднесен предлог за определување на мерка притвор, се приведени врз основа на издадени наредби за приведување од судија на претходна постапка, а нивното изведување пред судијата е извршено откако беа завршени претресите кај истите врз основа на издадените наредби за претрес“, додава СЈО.
Од ова Обвинителство најавуваат дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела.
Претходно од судот информираа дека одбраната на притворените, меѓу кои и Камчев, доставиле жалби кои се испратени на одговор кај надлежното обвинителство, а по добиениот одговор Кривичниот совет дополнително ќе одлучува по истите.
Comments are closed for this post.